Општини
Над 85 милиони евра за реконструкција на студентски домови и ресурсни центри
Реконструкција на девет студентски домови, еден ученички дом за средношколци и шест училишта со ресурсни центри за ученици со посебни потреби ќе се спроведува преку проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и ресурсните центри во Македонија“.
Проектот што треба да обезбеди подобри и посовремени услови за живот, престој и учење за повеќе од пет илјади ученици и студенти, се реализира во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP) за Западен Балкан и преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), чии аспекти беа презентирани пред медиумите на дводневната медиумска студиска тура и на тематската работилница што денеска се одржа во Охрид.
Проектот опфаќа објекти во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Струмица и Велес. Поголемиот дел од нив се изградени во 50-тите и 60-тите години на минатиот век, додека студентскиот дом во Битола датира уште од 18 век и денес е објект кој чека голема и темелна реконструкција.
Како што беше појаснето на работилницата, предвидена е длабинска енергетска рехабилитација на објектите, со која тие треба да се усогласат со современите енергетски стандарди. Тоа значи дека нема да се работи само на системите за греење и на намалување на потрошувачката на енергија, туку ќе се интервенира на објектите во целина – од конструктивната стабилност до системите што трошат енергија.
Реконструкцијата опфаќа и санитарни инсталации, електрична опрема, мерки за безбедност, како и заеднички простори за учење и престој. Целта е да се создаде посовремена и поквалитетна средина во која младите не само што ќе трошат помалку енергија, туку ќе имаат и подобри услови за секојдневно живеење и учење. Каде што условите дозволуваат, ќе бидат користени и обновливи извори на енергија. Паралелно со физичката реконструкција на објектите, проектот предвидува и активности за промена на навиките и подигање на свеста за рационално користење на енергијата кај студентите, учениците и вработените.
– Најевтината и најчистата енергија е онаа, која никогаш не ја трошиме. Со повеќе од 21 милион евра грантови од Европската Унија преку REEP и WBIF, оваа инвестиција ги намалува емисиите и истовремено ја менува секојдневната реалност на илјадници студенти и ученици. Ова е Зелената агенда во својата најопиплива форма и дел од патот на Македонија кон Европската Унија, посочи Стефано Елеро, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија.
Проектот ќе се реализира во три фази. Во првата фаза се опфатени студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје. Реконструкцијата на „Стив Наумов“ е при крај и се очекува неговото предавање, додека „Кузман Јосифовски Питу“ треба да биде завршен најдоцна до крајот на годината.
Втората фаза ги опфаќа преостанатите седум студентски домови. Тендерските постапки се во завршна фаза, а наскоро се очекува да започне реконструкцијата и на студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид. Во третата фаза се опфатени ресурсните центри и ученичкиот дом за средношколци. Проектирањето започна во април годинава, а целокупниот проект треба да биде завршен до 2031 година.
– Во првата фаза се инвестирани 20 милиони евра, во втората фаза 40 милиони евра, а дополнително обезбедуваме и грант-поддршка од 21 милион евра. Нашата цел е јасна – да создадеме современи, модерни и инклузивни образовни системи, затоа што секој ученик заслужува подобри услови за образование. Овој проект е најголемата инвестиција што досега се случила во нашата држава кога станува збор за студентското сместување, истакна Дамјан Стојковски од Единицата за спроведување на проектот при Министерството за образование и наука.
Четири студентски домови, оние во Охрид, Прилеп, Штип и „Томе Стефановски Сениќ“ во Скопје, ќе бидат реконструирани според повисок стандард, близу до стандардот за згради со речиси нулта потрошувачка на енергија (NZEB). За нив е обезбедена и проектантска поддршка од германскиот Фраунхофер институт.
– Она што новинарите го видоа не е визуелизација, туку завршена зграда. Ова е темелна рехабилитација – сè се обновува, од конструкцијата до системите, кои трошат енергија – и токму затоа намалувањето на потребата за енергија е околу 56 отсто по дом, а не десет или петнаесет. Четири згради одат чекор понатаму, близу до NZEB стандардот, со проектантска поддршка од Фраунхофер институтот, рече Роберт Шарламанов од KfW Скопје.
Очекувањата се дека по завршувањето на реконструкцијата, потребата од енергија во просек ќе биде намалена за 56 проценти, а емисиите на јаглерод диоксид за 49 проценти. На ниво на целиот проект се очекуваат годишни заштеди од 7.700 мегават-часови енергија и намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 3.400 тони годишно. Обновливите извори на енергија се очекува да обезбедуваат околу 12 проценти од вкупната потрошувачка на енергија.
За Германската развојна банка, проектот претставува долгорочна инвестиција која треба да обезбеди инфраструктура што ќе биде поефикасна, но и подобро прилагодена на потребите на оние што секојдневно ја користат.
– За KfW ова е долгорочна обврска – до 2031 година, низ три фази, финансирана преку комбинација на заеми, грантови и поддршка од Европската Унија. Токму грантот овозможува сериозна и темелна, а не козметичка обнова: без неа, работите би биле поплитки, а заштедите далеку помали. Она што се добива е инфраструктура што ќе троши помалку енергија многу години што доаѓаат, а инвестициите објектите сами ќе си ги исплаќаат преку намалените расходи за енергија, истакна Оливер Јунгер, портфолио менаџер во Германската развојна банка KfW од Франкфурт.
Вкупниот расположлив буџет за проектот изнесува 85,56 милиони евра. Од нив, 60 милиони евра се обезбедени преку заеми од KfW, 21 милион евра се грантови од Европската Унија преку WBIF, а 3,85 милиони евра обезбедува Министерството за образование и наука.
Реализацијата на проектот е предвидена до декември 2031 година, при што се очекува да бидат обезбедени и дополнителни финансиски средства. Со нив, вкупната вредност на инвестицијата потенцијално би можела да надмине 100 милиони евра.
Проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и ресурсните центри во Македонија“ го спроведува Министерството за образование и наука на Република Македонија, со финансиска поддршка од KfW и Европската Унија, а периодот на реализација е од декември 2019 до декември 2031 година.
Проектот е дел од Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP), иницијатива на Европската Унија, KfW и Европската банка за обнова и развој (EBRD), започната во 2013 година за поддршка на енергетската ефикасност во земјите од Западен Балкан. Преку REEP досега се мобилизирани повеќе од 1,1 милијарда евра, од кои 184,6 милиони евра се грантови од Европската Унија, а 982 милиони евра се заеми од меѓународните финансиски институции.
Податоците покажуваат дека самата Програма досега придонела за заштеда од 1.220 гигават-часови енергија годишно и избегнување на емисии од околу 730 илјади тони јаглерод диоксид годишно, како и за постигнување 90 правни и стратешки резултати.
Финансиската поддршка за проектите се реализира преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), преку која се комбинираат грантови и заеми за реализација на значајни инфраструктурни и развојни проекти во регионот.
септември 11, 2026
