Општини
Средба на министерот Серафимовски со оризопроизводителите и со претставници на Земјоделскиот институт
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денеска одржа работен состанок со претставници на оризопроизводителите и на Земјоделскиот институт – Скопје.
На состанокот присуствуваше и градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Јорданче Костадинов.
Како што информира Серафимовски на својот Фејсбук профил, во фокусот на разговорот била подготовката на методологијата за утврдување на реалните трошоци за производство на килограм оризова арпа.
-Добри земјоделски политики се создаваат кога на иста маса ќе седнат и ќе разговараат претставници на производителите, научната заедница, локалната самоуправа и институциите, напиша Серафимовски.
Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), на состанокот, меѓу другото, била нагласена и потребата од поблиска соработка меѓу академската средина и оризопроизводителите, со цел научните сознанија да најдат поголема практична примена во употребата на сертифициран семенски материјал и во развојот на одржливо производство приспособено на климатските промени.
септември 11, 2026
