Останати спортови
Почна судењето за убиството на аргентинската рагби ѕвезда Арамбуру
Судењето за убиство на поранешниот прославен аргентински репрезентативец во рагби Федерико Мартин Арамбуру (42) започна денеска во Париз, повеќе од четири години откако беше застрелан во француската престолнина по расправија во близина на булеварот Сен Жермен.
Двајца поранешни членови на екстремно десничарската група GUD и поранешна девојка на еден од нив се обвинети за убиство и обид за убиство.
Лоик Ле Приол (32), за кого обвинителите тврдат дека ги испукал смртоносните истрели, е обвинет за убиство, додека неговиот соработник Ромен Бувие (35), за кого обвинителите тврдат дека, исто така, пукал со пиштол за време на инцидентот, е обвинет за обид за убиство.
Двајцата мажи веќе отслужуваат затворски казни за тежок напад во друг случај.
Според истрагата, Арамбуру во друштво на својот пријател и поранешен соиграч во рагби, Шон Хегарти, седел на терасата на кафулето „Мабилон“ во март 2022 година. Ле Приол, Бувие и неговата тогашна, 29-годишната Лисон Рошемир, на која, исто така, ѝ се суди за обид за убиство, седеле на соседната маса.
Истражителите велат дека меѓу двете групи избувнала расправија. Снимките од безбедносните камери прегледани за време на истрагата покажале тепачка во која биле вклучени Хегарти и Ле Приол. Расправијата ескалирала во физичка пресметка во која биле вклучени Арамбуру, Хегарти, Ле Приол и Бувие пред да интервенира обезбедувањето во локалот.
Според истрагата, физичката пресметка продолжила на улицата, при што Бувие отворил оган од огнено оружје, а по него и Ле Приол, поранешен командос и член на сега веќе непостоечкото крајно десничарско движење GUD, ги испукал истрелите во кои бил убиен рагбистот.
Ле Приол бил уапсен неколку денови подоцна на унгарско-украинската граница, а на полицајците им рекол дека „оди во Украина да се бори“ по руската инвазија.
Рошемир била уапсена во Париз подоцна истиот ден, а Бувие неколку денови подоцна во регионот Сарт.
По завршувањето а својата професионална рагби кариера, Арамбуру живеел во југозападна Франција, настапувајќи за неколку аматерски рагби екипи. За аргентинската репрезентација настапуваше од 2004 до 2009 година.
септември 7, 2026
