Култура
Комедијата „Чудесна терапија“ на Драмски вечер на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица
Претставата „Чудесна терапија“ вечерва во 19:30 часот се игра во рамките на програмскиот дел на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ што и оваа година традиционално започна на 8 септември во НУЦК „Антон Панов“.
„Чудесна терапија“ е работена по текст на авторот Даниел Глатауер. Режисер е Димче Николовски, драматург Александра Бошковска, костимограф е Раде Василев.
Улогите ги играат актерите на Драмскиот театар Скопје: Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Соња Стамболџиоска.
Во програмската белешка се вели: „Претставата ‘Чудесна терапија’ го поставува прашањето: Доколку комуникацијата е универзална способност на секој човек, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во една врска, сакале или не, сѐ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, да роди нов, поголем проблем“.
Претставата премиерно е изведена во мај 2019 година и до сега има 56 изведби од кои десетина гостувања на театарските фестивали низ Македонија и во земјите од регионот.
Селекторот Љупчо Ѓоргиевски за годинашниов МФКТ „Ристо Шишков“, овој единствен фестивал посветен на актерот и актерската игра во официјалната програма одбра 10 претстави од Македонија, Србија и од Бугарија. Тој во претставувањето на програмата истакна дека темата „Апсурдот како наше секојдневие“ е белег на годинашнава селекција и додаде: „Имаме претстави градени главно врз текстови од современи автори како Семјуел Бекет, Јасмина Реза, Дејвид Мамет и др. Тие влегуваат во жестока пресметка со проблемите и предизвиците на современото живеење. Апсурдот како наше секојдневие не беше критериум за селекција, туку се наметна како заеднички именител на мноштвото претстави кои се занимаваат со човековото битисување денес. Она што некогаш кај Бекет го нарекувавме ‘театар на апсурд’ во претставите градени врз овие текстови денес резултира во ‘реализам’. Во нашето секојдневие сѐ почесто се судираме со низа апсурдни ситуации кои животот го прават конфузен и без јасна цел. На наше задоволство оваа година во програмата се вклучени и три претстави градени врз текстови од македонски автори од три различни периоди. Тргнувајќи од Ристо Крле кој меѓу двете светски војни, уште пред ‘Процес’ на Кафка, ни ја раскажа апсурдната приказна за родителите кои за пари го убиваат својот син, преку Коле Чашуле кој во средиштето на ‘Црнила’ го става човекот што си го убива својот идеал за кој живеел, до Драгана Лукан која во ‘Анна’ ни прикажува како обидот на една жена да зачекори во светот на женската слободата станува нејзино ропство. Во естетска смисла овие претстави го одразуваат и современиот пристап кон промислата наречена театар во сите негови сегменти, а пред сѐ во сегментот кој е главен крвоток на театарот – актерството“. Селекторот Љупчо Ѓоргиевски потсети на важноста на овој единствен фестивал по својата концепција и додаде: „Овие актери оживувајќи го духот на бардот на македонското актерство – Ристо Шишков, низ игра ќе се обидат да се овенчаат со ореолот чија светлина е токму тој. Им посакувам среќа и успех, а на публиката радост и задоволство од нивната игра“.
Во конкуренција за единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда од 1.500 евра и плакета се четириесетина актери што ќе играат пред струмичката публика во шесте фестивалски дена.
Тричленото жири на 34. фестивал „Ристо Шишков“ го предводи минатогодишната добитничка на оваа престижна награда, актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска. Таа ја доби наградата за улогата Корин Фел во претставата „Гидионовиот јазол“ на Драмски театар Скопје. Драгиќевиќ-Пројковска, повеќе од 25 години е членка на ансамблот на Драмскиот театар каде што има остварено десетици значајни театарски улоги, а настапувала и на сцени во земјата и во странство. Билјана Драгиќевиќ-Пројковска е добитничка на бројни домашни и меѓународни награди.
Останатите двајца членови на жирито се професорите Иван Додовски и Билјана Ѓурковиќ од Белград.
Во биографијата на Иван Додовски е напишано дека е редовен професор по критичка теорија и компаративна книжевност на Универзитетот Американ колеџ, Скопје. Докторирал на Универзитетот во Нотингем, а неговите научни интереси ги опфаќаат политиките на идентитетот, наратологијата, врските меѓу литературата и политиката и современата драма. Автор е на повеќе поетски и прозни книги, драма, како и на бројни научни трудови, книжевни и театарски критики и есеи. Добитник е на наградите „4 Ноември“ и „Гоце Делчев“. Како селектор, критичар и член на стручни жирија учествувал на повеќе домашни и меѓународни театарски фестивали. Од 2025 година е претседател на Еуродрам – Европската мрежа за драма и превод, со седиште во Париз.
Билјана Ѓурковиќ е актерка и редовен професор на Факултетот за современи уметности во Белград, каде што предава сценски говор, култура на говорот и актерска игра пред микрофон. Дипломирала актерска игра на Академијата за уметности во Нови Сад, во класата на проф. Петар Баниќевиќ, а се стекнала со звање магистер по драмски и аудиовизуелни уметности.
Тричленото жири својата Одлука за доделување на единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ ќе ја соопшти по завршувањето на натпреварувачкиот дел на фестивалот.
Во дополнителната програма на 34. МФКТ „Ристо Шишков“, организаторот НУЦК „Антон Панов“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Струмица, годинава во фоајето на Центарот за култура ја подготвија изложбата „Ристо Шишков-ликот што останува“. Изложбата е дел од серијата посветена на големите имиња на македонскиот театар, реализирана во соработка со Саша Шотароски и Виктор Семенпеев. Фотографиите го чуваат ликот, сценската енергија и споменот на актерот чие име денес со гордост го носи фестивалот.
Посетителите на фестивалот ќе имаат можност да ги запознаат и артистите на „Театроск“. Тие со својата енергија, креативност и препознатливиот сценски израз, со универзалниот јазик кој се говори со телото, движењата, погледот и емоцијата, допираат и таму каде што зборовите не се доволни. Нивните настапи се препознатливи по непосредноста, визуелноста и способноста да ја освојат публиката и предизвикаат силни емоции.
Програмата на 34. Меѓународен фестивал за камерен театар „Ристо Шишков“, кој се одржува од 8 до 13 септември 2026 година во шесте фестивалски вечери понуди извонредни камерни претстави, врвни актерски остварувања и незаборавни театарски мигови кои ќе одбележат уште една фестивалска приказна посветена на актерот и неговата уметност.
На програмата на фестивалот во изминатите два дена публиката можеше да ги гледа претставата „Уна“ на Звездара театар од Белград, во режија на Дејан Пројковски со Никола Ристановски во главната улога. Текстот на претставата „Уна“ е на авторот Стеван Копривица работен по мотиви на истоимениот романот на Момо Капор.
Синоќа се играа две претстави: „Бог на колежот“, на авторката Јасмина Реза, во адаптација и режија на Весна Петрушевска на Македонскиот народен театар, Скопје и „Годо“, според „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет на режисерот Ѓорѓи Ризески. Проектот е копродукција на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес, НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар Штип, НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово и Едуинфо медија – Штип.
Вечерва во 19:30 часот фестивалската публика ќе има можност да ја гледа претставата „Чудесна терапија“ работена по текст на австрискиот автор Даниел Глатауер. Претставата е во режија на Димче Николовски во продукција на Драмски театар, а од 22:00 часот е најавена претставата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле на режисерот Андреј Цветановски во изведба на НУЦК „Григор Прличев“ од Охрид.
Утре во 19:30 часот на програмата е „Едмонд“ од авторот Дејвид Мамет во режија на Оливер Мицевски на Народен театар, Битола и во продолжение во терминот од 22:00 часот е претставата „Љубовни писма“ од Алберт Рамсдел Гарни, во изведба на актерите Игор Ангелов и Верица Недеска.
В сабота на 12 септември, во двата термини се играат претставите „Анна“, работена по текст на Драгана Лукан Николоски во режија на Нина Николиќ. Станува збор за копродукција помеѓу Театар „Комедија“, Скопје и Перипетија продукција и претставата од Бугарија, „Повик за љубов“ на Драмскиот куклен театар – Силистра, кои во официјалната конкуренција ќе се претстават со постановката „Повик за љубов“ на француската уметница Жозаин Баласко во режија на Анастас Попдимитров.
Фестивалската програма во официјална конкуренција ќе го заокружи ансамблот на НУЦК „Војдан Чернодрински“, Прилеп со претставата „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски. Изведбата ќе биде в недела на 13 септември во 19:30 часот.
Една од најзначајните и најдолговечните фестивалски приказни во македонскиот театар, фестивалот „Ристо Шишков“ завршува со донесувањето на Одлуката на жирито за доделување на единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ што ќе биде соопштена по завршувањето на натпреварувачкиот дел на фестивалот.
септември 10, 2026
