Свет
Хрватска потпиша договор за набавка на 18 ракетни системи „Чунму“ за 435,2 милиони евра
Хрватска денеска со јужнокорејската компанија „Ханвха аероспејс“ потпиша договори за набавка на 18 самоодни ракетни лансери „Чунму К239“, за кои министерот за одбрана Иван Анушиќ нагласи дека, покрај авионите „Рафал“, ќе бидат „ударна и најмоќна сила“ на Хрватската војска.
Вредноста на набавката на јужнокорејските повеќецевни ракетни лансери изнесува 435,2 милиони евра без ДДВ, а компанијата „Ханвха аероспејс“ треба да ги испорача до 2029 година.
Хрватската влада претходно нагласи дека предностите на овој систем се можноста за користење ракети со различен калибар, големата флексибилност, силната огнена моќ и многу краткото време на реакција.
Станува збор за лансери што веќе ги набавија Норвешка, Естонија и Полска, која за нив произведува и ракети.
Анушиќ потпиша и договор со полската компанија „ВБ електроникс“ за испорака и интеграција на систем за управување и командување со лансерите.
– Со ова вооружување Хрватска добива способности какви што во моментов нема, ниту пак некогаш ги имала – рече премиерот Андреј Пленковиќ на церемонијата на потпишување на договорите.
„Чунму К239“ ќе ги надополни договорените системи „ХИМАРС“, ќе ги зголеми дострелот и огнената моќ на Хрватската војска, ќе ги диверзифицира правците на снабдување и дополнително ќе ја зајакне способноста за одвраќање, додаде премиерот, осврнувајќи се на ракетниот систем што Хрватска претходно го нарача од САД.
Анушиќ за „Чунму“ рече дека „заедно со Рафалите ќе биде ударна и најмоќната сила“ на Хрватската војска. Тој нагласи дека не станува збор за „еднонасочен однос“, во кој Хрватска купува, а Јужна Кореја продава, туку дека во реализацијата на проектот ќе биде вклучена и хрватската компанија „Кончар“.
Хрватскиот министер за одбрана ја пофали јужнокорејската индустрија за вооружување поради „многу пристапната цена, врвниот квалитет и многу брзата испорака“, што, како што истакна, е од клучно значење во постојните геополитички околности.
Претседателот на Управниот одбор на „Ханвха“, Бу-Хван Ли, истакна дека компанијата сака „да продолжи и да ја продлабочи соработката со Хрватска“ и дека ќе се „фокусира на трансферот на технология и знаење“. Тој ја нарече Хрватска „долгорочен партнер“ и изрази надеж дека одбранбената индустрија на Јужна Кореја „ќе го најде своето место во оваа земја“.
Јужнокорејскиот министер за одбрана Ан Ѓу-бек рече дека продажбата на системот „Чунму“ „внимателно се следи“ во неговата земја и дека станува збор за „кулминација“ на соработката меѓу двете географски оддалечени држави, но со сличен историски пат во борбата за безбедност и независност.
– Се наоѓаме на различни краеви на светот, но имаме заеднички елементи во историјата – сместени сме во важни геополитички простори, но имаме силен дух со кој нашите народи го зачувале својот идентитет – рече тој.
Покрај договорите со корејската и полската компанија, во Банските дворови беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу Министерството за одбрана на Хрватска и Министерството за одбрана на Јужна Кореја.
септември 11, 2026
