Connect with us

Свет

САД го имаа најтоплото лето во својата историја

Соединетите Американски Држави годинава го имаа најтоплото лето во својата историја со просечна температура од околу 23,5 степени Целзиусови, соопшти денеска Националната управа за океани и атмосфера (НОАА).

Просечната температура меѓу јуни и август беше за три и пол степени повисока од летните просеци во текот на 20 век, пренесе Си-би-ес њуз (CBS News).

Рекордни горештини ги зафатија западот на САД, јужните планини, југозападните рамнини и Флорида, каде што се случија катастрофални пожари и опаднаа резервите на вода.

Калифорнија, Невада, Ново Мексико и Колорадо оваа година ги забележаа своите најтопли августовски температури во историјата, а дури и ноќната минимална температура беше највисока некогаш регистрирана.

Иако делови од земјата беа соочени со бури кои носеа обилни дождови, врнежите ширум САД ова лето и понатаму беа пониски од просекот, пишува во извештајот на НОАА.

Сушата зафати речиси 60 проценти од територијата на САД на почетокот на септември.