Фудбал
Меси и Роналдо во ист тим на прошталниот натпревар на Тевез
Поранешниот аргентински репрезентативец, Карлос Тевез, објави дека ги убедил Лионел Меси и Кристијано Роналдо да играат во истиот тим на неговиот проштален натпревар, закажан за декември на култниот стадион „Ла Бомбонера“ во Буенос Аирес.
„Отсекогаш сонував да ги видам Кристијано и Лео во исти тим. Тие се најголемите играчи на сите времиња“, изјави 42-годишниот Тевез, кој во својата кариера играше заедно со Роналдо и Меси
„Му реков на Роналдо – Кристијано, сакам ти и Лео да бидете во истиот тим за мојот проштален натпревар за целиот свет конечно да може да ја види оваа магија. Ми рече дека ќе биде таму. Убедувањето на Лео, исто така, не беше тешко. И двајцата ми дадоа согласност“, наведе Тевез за францускиот спортски портал „Фут Меркато“.
Тевез играше со Меси во националниот тим од 2005 до 2015 година, а беше клупски колега со Роналдо во Манчестер Јунајтед од 2007 до 2009 година.

