Connect with us

Филм

Филмот „Којотот против Акме“ заработи 15,5 милиони долари во првиот викенд

Долгометражниот филм „Којотот против Акме“ (Coyote vs. Acme) заработи 15,5 милиони долари во првиот викенд од прикажувањето во Северна Америка, додека „Спајдермен: Сосема нов ден“ остана на врвот на „бокс офис“ листата петти викенд по ред.

Околу три години откако „Ворнер брос“ го повлече „Којотот против Акме“, филмот беше дистрибуиран од „Кечап ентертејнмент“, пристигна во кината овој викенд и го освои второто место. Заработката од 15,5 милиони долари (над 13,36 милиони евра), од продажба на билети, е најдобар почеток досега за независниот дистрибутер. „Којотот против Акме“ е заснован на колумна на Ијан Фрејзер во „Њујоркер“, а приказната го следи Вајл Е. Којот кој ја тужи компанијата „Акме“ поради неисправни производи.

Во филмот глумат Вил Форте, Џон Сена, Лана Кондор и Ерик Бауза, а режисер е Дејв Грин. Продукцијата на филмот чинеше 70 милиони долари, при што „Ворнер брос“ во 2023 година одлучи да го повлече завршениот филм и да го искористи даночниот кредит. Филмот доби рејтинг А на „Синема-скор“ (CinemaScore), а има и позитивна оценка од 96 отсто од критичарите и 94 отсто од гледачите на „Ротен томејтос“. Просечната оценка на ИМДБ засега е 7,7 /10, од над 7.200 гледачи кои го оцениле филмот.

„Спајдермен: Сосема нов ден“ остана на првото место, заработувајќи 22,2 милиони долари во американските и канадските кина. Со тоа, вкупниот светски приход достигна 2,33 милијарди долари, што го прави четвртиот филм со најголема заработка на сите времиња.