Connect with us

Свет

Американските царини го поттикнаа економскиот патриотизам на Канаѓаните

Ескалацијата на трговската војна помеѓу САД и Канада го зголеми економскиот патриотизам на Канаѓаните, а владата во Отава ги повикува граѓаните да ги бојкотираат американски производи.

Повикот за бојкот на американските производи уследи откако САД на 22 август воведоа царини од 50 отсто на различни канадски производи, а за автомобилскиот сектор и челикот најавија дополнителни 50 отсто од 1 јануари. Како одговор, Канада најави контрацарини од 15 до 50 отсто на американски увоз во вредност од 20 милијарди американски долари, што треба да стапат во сила на 8 септември.

Канаѓаните уште од минатата година, кога американскиот претседател Доналд Трамп најави царини ги бојкотираат пред се американски вини и алкохолни пијалаци, а намален е и бројот на канадски туристи во САД.

– Корисно е да се потсетиме дека најголемата моќ што ја поседуваме е нашата куповна моќ. Можеме и мораме да избираме да купуваме канадски производи, изјави канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ.

На новите американски царини реагираше и канадската министерка за индустрија Мелани Џоли истакнувајќи оти кога се купуваат канадски производи, „освен што се врши притисок врз САД, се штитат и работните места во Канада“.

Уште од минатата година во продавниците и во рекламите на производите има ознака со јаворов лист, симбол на канадското знаме, со што се потенцира потеклото на производот.

Исто така минатата година за 25 проценти е намален бројот на канадски туристи во САД. Пограничните американски сојузни држави се обидуваат да ги привлечат Канаѓаните со попусти пораки. Сојузната држава Њујорк под слоганот „Њујорк ја сака Канада“ до крајот на годината нуди низа промотивни акции.