Вести
129 години од Дединската афера: војводата Станков убил двајца даночници, по што 120 селани се уапсени, шестмина умреле уште во Куршумли ан
Дединската афера од 25 август 1897 година е значаен историски настан од времето на македонското револуционерно движење, кој се случил во селото Дедино, сега во општина Конче, Радовишко. Селската милиција на ТМОРО, предводена од учителот Тодор Станков, раководител на револуционерната организација од Радовиш, на денешен ден, заедно со селската милиција од село Дедино, начекува во заседа тројца турски колџии (даночници) за тутун, од кои двајца се убиени, а третиот се спасува, по што настапуваат масовни апсења во Дедино и околните села. Биле уапсени 120 луѓе, од кои 28 од скопскиот суд се осудени од 3 до 101 година затвор, а шест од уапсените умираат во затворот Куршумли ан пред да им се суди.
Селската милиција ги убила собирачите на данок за тутун поради нивните чести пљачкосувања и зулуми над народот
Собирачите на данок за тутун правеле големи ограбувања и насилства во селата. Месното раководство на ТМОРО во Радовиш одлучило тие да бидат спречени со сила. Селската милиција во село Дедино ги опколила собирачите и убила двајца од нив, а главатарот успеал ранет да избега. Војската од Радовиш го опколила селото Дедино по бегството на преживеаниот главатар. Се извршиле масовни претреси во куќите, при што се откриени складишта со оружје и муниција. Турските власти ги затвориле селаните, а многумина од нив биле подложени на физичко мачење, се наведува во еден од многуте пишани извори за овој настан.
Селото Дедино е многу старо село, едно од најстарите во Радовишко и Лакавичко за што сведочат пишани записи уште од XIV век. Имено, со истото име Дедино (Дѣдино) заедно со Ракитец, Конче и Лубница се споменати во еден пишан запис од 1366 година година кога била изградена познатата црква „Свети Стефан“ во селото Конче.
Во турските пописни тефтери од XVI век, односно од 1570 година, Дедино се среќава во 2 записи како чисто христијанско македонско село, кое припаѓало во рамките на казата и нахија Струмица во состав на Ќустендилскиот санџак.
Кој е Тодор Станков, организаторот на убиството на османслиските доночници
Тодор Станков е роден на 28 јануари 1875 година во Прилеп. Основното образование го завршил во родниот град, а гимназиското при Солунската гимназија во 1893 година. Учителствувал во Крушево и Прилеп, каде што влегол во Организацијата и станал член на локалниот Околиски револуционерен комитет. Подоцна бил учител во Штип во учебната 1895/96 година, а по препорака од Даме Груев, го зазел неговото место во Радовишкиот комитет. Учителствувал во Радовиш, каде што го предводел Околискиот револуционерен комитет во овој град, а потоа извесен период учителствувал и во Крушево.
Во август 1897 година заедно со селската милиција од село Дедино (Радовишко) начекува во заседа тројца турски колџии (даночници) за тутун, од кои двајца се убиени, а третиот се спасува, по што настапуваат масовни апсења во Дедино и околните села.
Тодор Станков станува нелегален војвода на чета во Радовишко кон која подоцна се приклучуваат Васил Липовиклијата-Јурукот и Георги Турчето. На 12 јуни истата година, по претходно извршена задача, се засолнил во Конечкиот манастир, каде што бил предаден на турските власти. Иако бил подложен на тешки измачувања, не предал никакви тајни на Ораганизацијата.
По апсењето, бил осуден на 6 години затвор, но е ослободен по грешка. Пребегал во Бугарија, каде што од 1900 до 1901 година бил пограничен пунктов началник на Организацијата во Ќустендил, а истовремено работи и како администратор на весникот „Вечерна пошта“.
Учествувал во Илинденското востание со четата на Лазар Маџаров, која дејствувала во Лозенградско (Килкларели, Турција).
За време на Првата светска војна бил градоначалник на градот Штип, а починал 1938 година во Софија.
Во Дедино ќе се постави споменик за Дединската афера
За селото Дедино во периодот пред Илинденското востание е познато дека туке се лееле куршуми за Илинденското востание, а се изработила и првата атска бомба, за што сведочи заедничката спомен-плоча подигната во чест на загинатите во НОБ, но и бомбите за Илинденското востание.
Според приказните, во една куќа во селото престојувале Гоце Делчев, Јане Сандански и Коста Мазнејков. Токму познатиот струмички и радовишки војвода Кoста Мазнејков, роден 1872 година во Струмица, загинал кај селото Дедино.
Според Бранко Ѓоргиев, историчар и директор на „Завод и Музеј Струмица“, во предилинденскиот период (април 1903) Мазнејков со радовишката чета учествувал во една од најкрвавите битки што се одиграла на врвот Готен (Малешевските Планини).
– Во таа битка учествувале и струмичката, потоа крушевската, тиквешката, гевгелиската и други револуционерни чети. Воениот предилинденски судир меѓу македонските револуционерни чети и османлиската војска го привлекла вниманието и на странските дипломати во Македонија, кои опширно ги известувале владите за текот на воените дејства. Војводата Костадин (Коста) Мазнејков загинал на 11 мај 1903 година кај селото Дедино, Радовишко, во една крајно жестока и драматична борба, која траела во текот на целиот ден – раскажа Ѓоргиев.
Додава дека повеќе документи и историски записи за Дединската афера може да се најдат во Институтот за национална историја во Скопје и дека во тукашните институции нема документи за овој значаен настан.
Инаку, за Дединската афера нема посебно обележје во Дедино. Според градоначалникот на Конче, Златко Ристов, во постапка е експропријација на земјиште, каде што треба да биде поставена спомен-плоча на „Дединската афера“, со што трајно ќе се одбележи овој голем историски настан за селото Дедино и општина Конче.
август 25, 2026
