Филм
Продуцент го тужи Нетфликс за 105 милиони долари поради „кражба на филм“ со Николас Кејџ
Завршен и необјавен филм во којшто глуми Николас Кејџ, мистериозно исчезна од студио на Нетфликс. Следствено, продуцентот загрижен за можна појава на пиратски изданија и примероци, тврди дека проектот е уништен и бара отштета. Стрим-гигантот отфрла секаква вина.
Бараната отштета е 105 милиони долари. Продуцентот Сајмон Афрам тврди дека копија од неговиот филм „Fortitude“ (Стаменост) е украдена од холивудското студио на Нетфликс. Адвокатите на продуцентот изјавија во тужбата поднесена завчера во американската сојузна држава Калифорнија дека режисерите му ја обезбедиле на Нетфликс оригиналната, неенкриптирана верзија на филмот, на барање на компанијата во јуни. Афрам вложил повеќе од 45 милиони долари во седумгодишното производство на филмот и бил во процес на продажба на Нетфликс или на друг дистрибутер.
Но, девет дена подоцна, Нетфликс преку е-пошта го известил тужителот дека „некој украл голем број дискови од нашите бироа во текот на изминатата недела“, вклучувајќи еден што го содржи филмот, се наведува во тужбата.
Продуцентите велат дека вредноста на филмот е „уништена“ бидејќи дистрибутерите веројатно нема да купат филм што би можел да се појави на пиратски страници, а велат дека Нетфликс требало подобро да го обезбеди примерокот.
Нетфликс во соопштението наведе дека „оспорува какво било тврдење дека компанијата е одговорна за губењето на филмот што бил доставен без соодветни заштитни мерки“ според индустриските стандарди.
„Иако не ги поседуваме правата за филмот, сериозно ја сфаќаме безбедноста на содржината и презедовме дополнителни мерки за да го поддржиме режисерот и неговиот тим, вклучително и истрага на кражбата и следење пиратски страници за можна неовластена дистрибуција на филмот“, соопшти Нетфликс.
Стрим-платформата, исто така, истакна дека одбиле да споделуваат информации од истрагата со адвокатите на Афрам „со оглед на нивните насилни обиди да изнудат пари“ од овој случај – наместо да соработуваат во добра намера.
август 1, 2026
