Connect with us

Политика

Мицевски: Со Филипче како министер водата била неисправна и тоа се криело од граѓаните

Со Филипче како министер водата била неисправна и тоа се криело од граѓаните, изјави денеска на прес-конференција, Никола Мицевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

– Скоро 400 испитувања на водата во период кога Венко Филипче е министер за здравство и СДС е власт, покажале дека граѓаните пијат неисправна вода и тогашната власт не само што не преземала ништо за тоа, туку и го сокрила овој податок од граѓаните. Венко Филипче и СДС свесно оставиле граѓаните бавно да се трујат само за да не изгубат политички поени. Податоците со коишто располагаме покажуваат со какви искривени вредности се Венко Филипче и СДС – рече Мицевски.

Тој прочита неколку случаи.

– На ден 19.05.2021 година, испитувањата за водата на Водостопанство Лисиче во Велес, не одговарале согласно Правилникот за безбедност и квалитет на водата, односно народски кажано, водата не била за пиење. На 22.06.2021 година, испитувањата за водата во локален водовод во село Нивичани, Кочани, исто така, не одговарале согласно Правилникот за безбедност и квалитет на водата. На  20.07.2021 година, , испитувањата за водата во Пештани, Охрид, не одговарале согласно Правилникот за безбедност и квалитет на водата, за што е направен записник и решение за забрана од 23.07.2021 година – сподели Мицевски.

Притоа додаде дека на ден 10.11.2021 година, во чешма во училиштето „Страшо Пинџур“, село Уларци, Чешиново, водата не била согласно законските прописи.

– Водата во Здравствен дом Делчево на 11.01.2022 година, не била за пиење. Министер за здравство, Венко Филипче. За ниту еден од овие но и многу други случаи, јавноста не е информирана. Болниците биле полнети, на граѓаните очигледно им било лошо, но никој не знаел од што, а власта тоа вешто го криела. За ова е известено МВР и институциите ќе постапат и ќе ги достават документите до ЈО. Очекуваме ЈО веднаш и без одлагање да постапи по овој случај и да има одговорност по истиот – нагласи Мицевски.