Connect with us

Свет

Казахстанскиот претседател пред Путин рече дека треба да биде прекината војната во Украина

Казахстанскиот претседател, Касим-Жомарт Токаев, денеска пред рускиот претседател Владимир Путин рече дека воените дејствија во Украина треба да прекинат, предложувајќи замрзнување на конфликтот.

„Како може да се излезе од оваа ситуација? Никој не знае, затоа што двете страни имаат свои позиции. Но, од друга страна, во моментов постои можност сето тоа да биде замрзнато“, изјави Токаев на средбата со Путин во сибирскиот град Омск, во редок случај казахстанскиот лидер лично да упати таков став до рускиот претседател.

„Жално е, млади луѓе гинат. Сето тоа мора да престане“, додаде казахстанскиот претседател, чија изјава беше пренесувана преку телевизија.

Казахстан е сојузник на Русија, но никогаш отворено не ја поддржа руската офанзива во Украина, дејствие на Москва што предизвика загриженост кај партнерите на Кремљ во Централна Азија.

„Решив да го изнесам моето скромно мислење“, рече Токаев, седејќи покрај Путин. Тој додаде дека причините за војната „не се целосно разбирливи за многумина, вклучително и за нас (Казахстан)“.

Казахстанскиот претседател предложи враќање кон договореното на преговорите што се водеа во Истанбул во 2022 година, за потоа како што рече, да се продолжи кон „долгоочекуваниот мир“.

Путин од своја страна изјави дека за време на нивната средба ќе го информира Токаев за развојот на ситуацијата на фронтот.