Connect with us

Свет

Романија втор ден по ред собори дрон што влезе во нејзиниот воздушен простор

Воздухопловните сили на Романија собориле дрон што го нарушил романскиот воздушен простор над ретко населена област во близина на границата со Украина, што е втор ваков инцидент за два дена.

Првиот дрон, за кој романското обвинителство, кое ги истражува остатоците, соопшти дека е руски, беше соборен вчера откако влегол во воздушниот простор на Романија.

Романскиот претседател Никусор Дан објави на социјалните мрежи дека вториот дрон е соборен денеска, 10 километри западно од Сфанту Георге во делтата на Дунав.

Министерството за одбрана соопшти дека нарушувањето на воздушниот простор е регистрирано во 08:22 часот утрово и дека два борбени авиони Ф-16 биле подигнати. Засега нема информации за потеклото на вториот соборен дрон.

Романија, која дели граница од 650 километри со Украина, соопшти дека руските беспилотни летала досега го нарушиле нејзиниот воздушен простор околу 30 пати.

Во мај, руски дрон се урна во станбена зграда во областа Галати, во близина на украинската граница, при што беа повредени две лица. Ова беше првпат од почетокот на украинскиот конфликт да биде погодено населено место во земја-членка на НАТО и да има повредени.