Connect with us

Култура

Во Велес отворена изложбата „Фрагменти од несвесното – синергија на звук и слика“

Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Фрагменти од несвесното – синергија на звук и слика“, на која со своите дела се претставуваат уметниците Никола Пијанманов, Стефан Младеновски, Тони Попов и вајарот Андреј Митевски. Изложбата беше збогатена со музички импровизации на Славчо Коцев од Велес и Бојан Петков-Шамба од Скопје, инспирирани од изложените дела.

Како што информира историчарот на уметност и куратор на изложбата Јасмина Котевска од Центарот за креативни индустрии „НЕБО“ од Демир Хисар, концептот е да се понуди поинакво уметничко доживување, во кое посетителите нема само да ги разгледуваат делата, туку ќе можат истовремено да „ја гледаат музиката и да ја слушаат сликата“, следејќи го принципот на синестезија, за кој пишува и Василиј Кандински во својата теорија за уметноста.

-Изложбата е замислена како форма на синестезија во која музичарите ги читаат ликовните дела и преку џез импровизации ги трансфо рмираат сликите во звук, со што посетителот има можност не само визуелно, туку и сетилно преку звукот  и ритамот да го запознае несвесното,иницирајќи нови искуства каде музиката ги оживува сликите- појасни Котевска.

Според Котевска, музичарите преку џез-импровизации ги претвораат визуелните дела во звук, овозможувајќи им на посетителите несвесното да го доживеат и преку ритамот и музиката. Таа посочува дека изложбата ја истражува врската меѓу фрагментите и несвесното, тема која има значајно место во модерната уметност и го симболизира сложениот внатрешен свет на човекот.

Вајарот Андреј Митевски се претставува со циклусот „Торзо“, создаван повеќе од две години како истражување на историските претстави на женското тело во уметноста. Делата се изработени од природен камен, мермер, оникс и песочник и, според авторот, се инспирирани од исконските мотиви на мајката Земја и жената како архетип и симбол на убавината.

-Предизвик ми е во урбани средини да прикажувам дела коишто кореспондираат со праисконското каде фигурите на мајката наоѓаат есететика и ден денеска и имаат своја симболика и како архитип и како модел на убавина – потенцира Митевски.

Тој по Велес своите дела ќе ги изложи и во галерија „Култ“ во Охрид.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, а изложбениот простор го обезбеди ЛУ Народен музеј – Велес.