Connect with us

Филм

Мистерија од снимањето на „Титаник“ сè уште нерешена и по 30 години

„Титаник“ е еден од најуспешните филмови на сите времиња, но има приказна зад сцената, којашто е неодговорена мистерија и речиси 30 години подоцна. При снимањето во 1996 година, имено, повеќе од 60 членови на филмската екипа завршија в болница откако внеле храна контаминирана со ПЦП – моќна халуциногена дрога.

Били Зејн, кој го играше Кал Хокли во филмот, првпат јавно проговори за еден од најбизарните инциденти во Холивуд. Во гостувањето во емисијата „Братска љубов“ (Brotherly Love), тој потврди дека настанот навистина се случил, но во тоа време не бил на снимањето и нагласи дека не сака да претпоставува за тоа кој е одговорен. Освен него, ниту Кејт Винслет, ни Леонардо Дикаприо, ни Глорија Стјуарт не биле на снимањето тој ден и затоа не јаделе од контаминираниот оброк.

– Не можам ни да потврдам, ниту да негирам каква било теорија. Не бев таму. Сè се случи за време на снимањето на сцените што се одвиваа во сегашноста, рече глумецот.

Тој додаде дека неговите колеги подоцна му кажале дека оние кои први ги препознале ефектите од дрогата се обиделе да останат смирени, додека другите биле целосно преплашени. Сѐ тоа се случило последните денови од снимањето во Нова Шкотска.

Режисерот Џејмс Камерон првично помислил дека станува збор за труење со храна, но сцената што го пречекала по враќањето на снимањето била поинаква и – „незаборавна“.

– Собата беше целосно празна. Стоев до камерата и мониторот, а таму немаше никој. Беше како во „Зоната на самракот“, се присети режисерот во претходно интервју.

И глумецот Бил Пакстон ја опиша атмосферата како целосен хаос.

– Некои се смееја, некои плачеа, некои повраќаа. Во еден миг се чувствував добро, а следниот бев толку вознемирен што морав да дишам во хартиена ќеса, рече тој.

Според сведоштвата на членовите на екипажот, некои луѓе под дејство на халуциногени танцувале по ходниците и се возеле во ортопедските колички во болницата, додека лекарите се обидувале да утврдат што навистина се случило. Токсиколошките анализи подоцна покажале дека во храната имало ПЦП, но полициската истрага, којашто траела две и пол години, никогаш не утврдила кој е одговорен. И покрај бројните теории, случај сè уште е еден од најнеобичните нерешени случаи во историјата на Холивуд.