Култура
„Велешката чалгија“ настапи на „Велешко лето 2026“
„Велешката чалгија“ синоќа настапи на познатиот плоштад Којник во високиот стар дел на Велес, во рамките на „Велешко лето 2026“. Тие изведоа познати велешки и македонски староградски песни меѓу кои и познатата „На Којник дуќан да имам“ а со нив заедно пееше публиката. Од пред повеќе од година „Велешката чалгија“ повторно има инструмент канун на кој свири Муамер Елезовски кој се врати од Германија и сега повторно настапува со нив.
Како што потенцираат денеска од Општина Велес, „Велешката чалгија“ која е надалеку позната повторно се разлеа во едно од најстарите велешки маала Којник.
-Македонските песни и звуците на традиционалните инструменти на „Велешката чалгија“ ги собраа жителите на Којник и велешани од сите делови на градот на уште една прекрасна вечер во рамки на „Велешко лето 2026“.
Плоштадот во Којник беше исполнет со музика, дружење и убаво расположение, потврдувајќи дека најубавите летни спомени се создаваат кога сме заедно. Велес – лето што се памети, потенцираат од Општина Велес.
Програмата на „Велешко лето 2026“ продолжува вечер со забава за најмладите со почеток во 19 часот на игралиштето Тунел со „Авантурите на желчето Тео“ со детска работилница и дружење со маскота.
Од Општина Велес ги повикуваат сите деца од градот на заедничко дружење и забава.
јули 24, 2026
