Скопје
Герасимовски: Сите служби на Општина Центар максимално мобилизирани по силното невреме, отворени телефонски линии
Општина Центар информира дека сите расположливи служби се максимално мобилизирани и интензивно работат на расчистување и санирање на последиците од силното невреме што го зафати градот.
– Веднаш е свикан кризниот штаб, по што уследија теренските активности. Приоритет се јавните површини, општинските сервисни улици и отстранувањето на откорнатите дрва и оштетените покривни конструкции. Во моментов, активностите се најинтензивни во Капиштец , Дебар Маало и Буњаковец, каде што екипите интервенираат на повеќе локации. На терен се ангажирани мобилни служби, кои работат на брзо отстранување на последиците и обезбедување на проодноста на улиците и јавните површини – информира општинската прес-служба.
Градоначалникот Горан Герасимовски во пишана изјава порачува дека општината реагира координирано и без одлагање.
– Работиме интензивно и сите сме ангажирани за да се справиме со последиците од ова страшно невреме – истакна Герасимовски.
Во акцијата се приклучија и граѓани кои самоиницијативно помогнаа во расчистувањето на критичните точки, со што дополнително придонеле за побрзо нормализирање на состојбата. Општина Центар упатува благодарност за солидарноста и апелира граѓаните да бидат внимателни додека траат интервенциите.
Телефони што се отворени за граѓаните: 075 219068 / 076 350767
јули 22, 2026


