Скопје
Силно невреме во Скопје: Паднати покриви, дрвја, семафори, оштетени возила а има и повредени
Во невремето проследено со пороен дожд и силен ветер што го зафати Скопје попладне во 17 часот е предизвикана материјална штета, на улиците има паднати покриви и дрвја врз автомобили, како и паднати семафори.Дел од улиците се блокирани за сообраќај.
Невреме во тој период го зафати и Куманово, каде исто така има паднати дрвја и бандери, а откорнати се и покривни конструкции на неколку локации.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави дека поради силното невреме што го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со сите надлежни служби и јавни претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза и навремена интервенција.
Тој во објава на Фејсбук нагласува дека се во постојана координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и со сите надлежни институции.
Од УХМР информираа дека невреме со олуен ветер, пороен дожд и грмежи во 18 часот ги зафати Штип и Кочани и правецот на движење е кон Виница.
Шест повредени во невремето во Скопје се донесени во Универзитетската Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски” кои се со посекотини и набиеници. Сите лица се третираат амбулантски, изјави за МИА, директорот на Клиниката, д-р Небојша Настов.
Тројца од повредените по амбулантскиот преглед, се пуштени дома, а тројца се во фаза на испитување.
– Сите се во стабилна состојба. Првично не оддаваат впечаток дека ќе бидат задржани на натамошно лекување. Еден пациент е повреден при пад на дрво и го закачиле гранките, еден е повреден од лим кој паднал од некој покрив, а еден е повредени од паднати керамиди, додаде д-р Настов за МИА.
јули 22, 2026


