Connect with us

Сцена

Софија Вергара е подготвена за Светското првенство

Познатата латиноглумица Софија Вергара откри дека, за време на најголемиот светски фудбалски спектакл, планира не само да ги гледа натпреварите, туку и да организира неколку големи навивачки собири. Таа зборуваше за своите планови во интервју за „Пипл (People)“.

– Ќе има храна, пијалаци и танц. На крајот на краиштата, ова е Светско првенство, рече Вергара, која ќе навива за својата родна Колумбија. – А потоа, тука е енергијата што ја носат самите натпревари и луѓето. Мислам дека нè очекува неверојатен месец, додаде таа.

Глумицата, која се движи кон средината на шестото десетлетие од својот живот, нагласува дека вкусната храна, пиењето, музиката и декорациите што ја создаваат вистинската навивачка атмосфера се клучни за добра забава. Емпанада – традиционалното латиноамериканско јадење без коешто не може да замислат ваквите собиранки, ќе има посебно место на нејзиното мени.

– Син ми и јас ја основавме „TOMA“ – компанија што произведува гурмански латиноамерикански емпанади. Тие се совршени за забави бидејќи само ги загревате и веќе се готови за сервирање. Луѓето ги обожаваат и речиси секогаш ми снемува, рече Вергара.

Таа, исто така, откри што смета за најголеми грешки што може да ги направи еден домаќин.

– Лошата храна дефинитивно може да уништи забава, рече латиноѕвездата низ смеа. – Истото важи и за лошото осветлување. Ако просторот е премногу светол – не е пријатен и луѓето тогаш не можат да се опуштат и „да влезат“ во атмосферата. А, токму атмосферата го прави фудбалот посебен… Во Колумбија, фудбалот е многу повеќе од спорт. Кога има голем натпревар, целата држава „буквално“ запира, истакна Вергара.

Таа додава дека гледањето натпревари во друштво е посебно поради самото дружење.

– Кога сте заедно со блиските, тогаш најмногу уживате едни крај други. Јадете, навивате, се расправате, се жалите на одлуките на судиите и сè тоа е дел од забавата, заклучи таа.

Иако некои натпревари ќе ги гледа во живо на стадион, вели, нејзините работни обврски нема да ѝ дозволат да присуствува на сите што би сакала да ги гледа. Затоа особено се радува на домашните забави со телевизиски пренос.

Ad
Ad