Connect with us

Свет

Виетнам ја укина смртната казна за неколку дела меѓу кои и шверцот на дрога

Националното собрание на Виетнам денеска ја укина можноста за изрекување смртна казна за шест кривични дела, вклучувајќи ја недозволената трговија со дрога и силувањето деца под 16 години.

Ревидираниот закон ќе стапи во сила на 1 март 2027 година.

Шесте дела што се отстранети од списокот на кривични дела казниви со смрт се поттикнување немири, недозволена трговија со наркотични средства, силување лице помладо од 16 години, злосторства против човештвото, воени злосторства и тероризам насочен против народната управа.

Со измените остануваат четири дела казниви со смрт: велепредавство, убиство, тероризам и недозволено производство на наркотични средства.

Одлуката од списокот да се отстранат трговијата со дрога и силувањето деца предизвика дебата за време на законодавниот процес, при што дел од пратениците тврдеа дека смртната казна треба да се задржи поради тежината на делата.

Владата образложи дека нема убедливи докази оти смртната казна е поефикасна од доживотниот затвор во одвраќањето од трговија со дрога.

Таа наведе дека поефикасни средства за одвраќање би биле посилни истраги, повисоки стапки на откривање и напори за разбивање на мрежите за трговија.

Според изменетите правила, веќе изречените смртни пресуди за шесте дела кои сè уште не се извршени ќе бидат преиначени во казна доживотен затвор.

Ad
Ad