Свет
ЕУ незадоволна од текот на преговорите на КОП31 на неколку часа пред крајот на самитот
Европската Унија денеска изрази фрустрација од состојбата на преговорите на овогодишната Конференција на ОН за климатски промени, само неколку часа пред крајот на меѓународниот собир, познат и како КОП31.
Преговарачите на ЕУ, во изјави за ДПА, го опишаа тековниот нацрт на завршната декларација како „неприфатлив“. Делегати од околу 200 земји од 9 ноември преговараат за тоа што планираат да преземат за ублажување на последиците од климатската криза.
Во најновиот нацрт на завршната декларација, кој раководството на конференцијата го објави вчера, повеќе не се споменува постепеното исфрлање од употреба на нафтата, гасот и јагленот, за разлика од претходниот нацрт. Активистите за климатски промени остро го критикуваа ова, нарекувајќи го „огромен чекор наназад“.
КОП31 треба да заврши во 18:00 часот по локално време, но претходните изданија редовно продолжуваа и по предвидениот рок поради несогласувања околу завршната декларација.
Главниот предлог има за цел значително да го зголеми уделот на електричната енергија во финалната глобална потрошувачка на енергија од 23 на 35 проценти до 2035 година, во обид да се намалат штетните емисии за климата, кои се главен предизвикувач на глобалното затоплување.
Неодамнешните научни прогнози сугерираат дека целта за ограничување на порастот на глобалната температура на 1,5 Целзиусови степени во споредба со прединдустриското ниво не може да се исполни, но државите учеснички на КОП31 беа повикани да се обврзат на ограничување на тоа пречекорување.
Иако многу земји членки на ЕУ ги поддржуваат предлозите, тие веројатно ќе бидат ублажени поради противењето на земјите производители на нафта, како што е Саудиска Арабија. Во меѓувреме, неколку африкански земји ја условија својата поддршка за целта за електрификација со зголемено финансирање кое би им помогнало да се справат со климатските промени.
ноември 21, 2026


