Свет
Франција: Затворени стотици училишта поради ученичките протести, владата ги отфрла барањата за поголем буџет
Стотици училишта во Франција и денеска останаа затворени поради неколкудневните ученички протести што предизвикуваат страв од пошироки социјални немири во земјата, само седум месеци пред претседателските избори, пренесува ДПА.
Според прелиминарните податоци на Министерството за образование, денеска целосно се затворени 224 училишта, а делумно 151, што е за околу 30 отсто помалку погодени училишта во споредба со претходниот ден.
Француските ученици протестираат поради лошите услови за учење, недостигот од наставници за замена, дотраените училишни згради и пренатрупаните распореди.
Владата тешко успева да ги стави немирите под контрола, додека синдикатите во образованието повикаа на дополнителни масовни протести, по националниот ден на протест на кој синдикатите за првпат се приклучија. Претходно беа забележани и изолирани блокади во француските средни училишта и универзитети, меѓу кои и на престижната париска високообразовна институција „Сианс По“.
Во телевизиско обраќање, премиерот Себастиен Лекорну им вети подобри услови за учење на учениците кои протестираат, но ја отфрли можноста за исполнување на нивното барање за значително зголемување на средствата за образование.
Протестите привлекоа големо внимание поради повеќекратните судири со полицијата и избувнувањето насилство на маргините на демонстрациите, при што беа приведени илјадници млади луѓе. Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека полицијата ќе ја прекине употребата на шок-гранати за време на студентските и ученичките протести.
октомври 9, 2026


