Connect with us

Свет

Еслами: Иран нема да се откаже од правото на збогатување ураниум

Иран нема да се откаже од правото на збогатување ураниум, изјави денеска шефот на иранската Организација за атомска енергија Мохамед Еслами.

Тој иста така оцени дека збогатувањето е „составен дел“ од нуклеарниот процес и основа за научниот и технолошкиот развој на земјата.

Еслами, обраќајќи им се на новинарите, рече дека прашањето за збогатувањето повторно се најде во фокусот, вклучително и предлозите тоа да биде дел од преговарачката агенда.

– Како можеме да имаме нуклеарна индустрија без почетна точка на нуклеарниот процес? – праша Еслами, истакнувајќи дека нуклеарната индустрија е двигател на развојот на науката и технологијата, пренесува иранската агенција Тасним.

Тој наведе дека и Соединетите Американски Држави ја поставиле нуклеарната технологија меѓу приоритетите во документите што се однесуваат на националниот развој, безбедноста и одбраната, додавајќи дека земјите ширум светот забрзано ја развиваат таа технологија.

– Правото на иранскиот народ на напредок и присуство на границите на знаењето е неотуѓиво и од тоа нема да се откажеме – рече Еслами.

Зборувајќи за американските закани насочени против иранските нуклеарни постројки, Еслами рече дека тие не се нови и оти Вашингтон ги упатува со години, вклучително и, како што наведе, спроведување операции против Иран.

Шефот на иранската Организација за атомска енергија истакна дека Иран и неговиот народ се отпорни, како и дека иранската нуклеарна програма се спроведува во согласност со заштитните мерки и во рамките на Договорот за неширење на нуклеарното оружје.

– Нема никакво отстапување во иранската нуклеарна програма – рече Еслами.

Тој додаде дека кампањата на притисок насочена кон иранските нуклеарни активности покажува дека оние кои изнесуваат такви тврдења, како што оцени, „ги исцрпиле своите аргументи“ и дека повеќе немаат што да кажат.

Ad
Ad