Connect with us

Свет

Судири на демонстрантите во Лондон на годишнината од терористичките напади на 7 октомври

Демонстрантите се судрија меѓусебе, а полицијата изврши апсења за време на протестите во Лондон на годишнината од смртоносните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Пет лица беа уапсени за поттикнување расна омраза, што вклучувало наводно викање или скандирање пароли кои повикуваат на интифада, за време на она што полицијата го опиша како „спонтан протест“ пред Одборот на пратеници на британските Евреи во Камден.

Денеска се одбележува третата годишнина од нападите на 7 октомври во кои екстремисти предводени од Хамас упаднаа во Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе, главно цивили, и земајќи повеќе од 250 заложници.

Бројни студентски пропалестински демонстрации исто така се одржуваа, и покрај повиците за забрана или за поместување на протестите за друг датум, пренесе ДПА.

Околу 100 пропалестински демонстранти маршираа и скандираа „Слободна, слободна Палестина“ и „Слобода за народот, слобода за земјата“ во Лондон, додека група на крајот од маршот држеше транспарент на кој пишуваше: „Потомци на преживеани од Холокаустот против геноцидот во Газа“.

Контрадемонстранти кои носеа израелски знамиња и транспаренти со натпис: „Запрете ја геноцидната лага во Газа“ се собраа кај Расел Сквер.

Се слушаа извици „ѓубриња“, упатени кон пропалестинските демонстранти, додека тие скандираа: „Поддржувачите на тероризмот надвор од нашите улици“.

Метрополитен полицијата соопшти дека две лица биле уапсени на протестот во централен Лондон, едно за прекршување на условите и друго за обичен напад.

Пропалестински собири предводени од студентски здруженија се одржаа и на универзитетите во Единбург и Глазгов.

Одлуката денеска да се маршира за „поддршка на Палестина“се соочи со жестоки реакции, при што еврејските студентски лидери ги нарекоа плановите „скандалозни“.

Министерот за одбрана Вес Стритинг ги нарече планираните демонстрации „срамни“, додека министерката за образование Луси Пауел ги повика студентите „да покажат сочувство и да протестираат некој друг ден“.

„Рано утринава, полициските службеници извршија апсења на спонтан протест пред Одборот на пратеници во Камден. Пет лица беа уапсени за поттикнување расна омраза, што вклучувало наводно викање или скандирање пароли кои повикуваат на интифада. Тие остануваат во полициски притвор. Протестот во Камден сега е завршен“, соопшти Метрополитен полицијата.

Се очекува Одборот на пратеници на британските Евреи вечерва да одржи бдеење на Ричмонд Терас, веднаш до Вајтхол.

Во меѓувреме, портпаролот на Универзитетот во Лидс изјави дека „ознаките со креда“ – од кои некои гласеле „Ционизам = Расизам“ – биле отстранети од кампусот каде што еврејските студенти се собирале за комеморативно бдеење.

Универзитетските лидери беа советувани да ја прегледаат својата безбедност и да одржуваат близок контакт со еврејските групи пред студентските демонстрации.

Премиерот Енди Барнам не ги коментираше демонстрациите, но, одбележувајќи ја годишнината од 7 октомври, ја увери британската еврејска заедница дека „стоиме со вас“ против антисемитизмот.

Тој го опиша порастот на антисемитското однесување во Велика Британија од 2023 година како „вознемирувачки“, но вети дека неговата влада е „посветена на заштита на нашите граѓани од одвратна омраза“. 

Ad
Ad