Свет
Венс: Иран мора значително да го намали збогатувањето ураниум за да се постигне договор
Иран мора значително да ги намали капацитетите за збогатување ураниум за да ги исполни американските барања и да се стави крај на седуммесечната војна меѓу двете земји, изјави американскиот потпретседател, Џеј Ди Венс.
САД се подготвени да постигнат договор со Техеран, но инсистираат на конкретни чекори во врска со иранската нуклеарна програма, а не само на ветувања, рече тој.
„Нема да разменуваме зборови за дела“, изјави Венс, посочувајќи дека клучното прашање е нивото на збогатување на ураниумот. Според него, доколку Иран нема намера да создава нуклеарно оружје, нема причина да произведува ураниум збогатен до високо ниво.
Изминатите седмици САД и Иран разменија предлози за прекин на конфликтот и повторно отворање на Ормуската Теснина, клучна рута за глобалните енергетски испораки. Американскиот претседател, Доналд Трамп, го одби последниот ирански предлог и предупреди дека воените дејствија може да се интензивираат по ноемвриските меѓуизбори во САД.
Венс рече дека Вашингтон продолжува да разговара со иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, и со министерот за надворешни работи, Абас Арагчи. Сепак, според него, американската страна не е целосно сигурна кој ги носи конечните одлуки во Техеран и какви овластувања имаат тие двајца во иранскиот политички систем откако врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен во американско-израелските напади на почетокот на војната.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, во неделата изјави дека американските функционери добро ги познаваат своите ирански колеги и начинот на кој се носат одлуките во земјата. Според него, проблемот е во спротивставените ставови и неусогласените пораки од американска страна.
Венс рече и дека лично разговарал со команданти на терен за да добие информации за состојбата на боиштето. Тој ги отфрли опасувањата од недостиг на клучна муниција и оцени дека иако иранските сили повремено можат да напаѓаат трговски бродови во Ормуската Теснина, генерално немаат капацитет да го запрат извозот на енергенси низ овој премин.
Војната против Иран ги чини САД околу три милијарди долари месечно и стана една од главните теми во кампањата воочи ноемвриските меѓуизбори. Растот на цените на енергенсите создава политички проблеми за Трамп и републиканците во сојузните држави каде што се очекува неизвесна борба за контрола врз Конгресот.
Венс, кој се смета за еден од можните републикански кандидати за претседател на изборите во 2028 година, рече дека сè уште не одлучил дали ќе се кандидира.
„Навистина не сум размислувал многу за тоа“, изјави тој.
октомври 7, 2026
