Општини
Пецаков: Инвестициите во училиштата продолжуваат, целта е реконструкција на по едно училиште годишно
Општина Охрид во изминатите четири години реализира значајни инвестиции во повеќе училишта, со цел подобрување на условите за настава, а во наредниот период ќе продолжи со реконструкција на училишните објекти и вложувања во нивната енергетска ефикасност, изјави денеска градоначалникот Кирил Пецаков.
– Денеска заокружуваме четири години инвестиции во повеќе училишта. Без разлика дали станува збор за ново училиште, за училиште во кое по 50 години добиваат спортска сала или за други училишта во кои се реализираат поединечни инвестиции, буквално вложуваме во сите основни училишта, рече Пецаков кој денеска изврши увид во реализираните инвестиции во основното училиште „Христо Узунов“.
Тој посочи дека инвестициите во средните училишта треба да бидат заокружени до крајот на следната или почетокот на 2028 година, со вложувањата во гимназијата, со што, како што рече, ќе се обезбедат целосно модерни услови за настава.
Пецаков денеска го посети Основното училиште „Христо Узунов“, каде што од 2023 до 2026 година се вложени повеќе од 200 илјади евра, односно околу 12 милиони денари. Само во 2026 година, како што информира, во училиштето се инвестирани околу 120 илјади евра, односно 7,2 милиони денари.
Со средствата се подобрени условите за настава, а во училиштето се реконструирани и опремени училници, поставени нови врати и подови, смарт-табли и нов училишен инвентар.
– Наша заложба како локална самоуправа и моја како градоначалник е да инвестираме таму каде што е најпотребно, а тоа се нашите деца. Со создавање подобри услови се надевам дека ќе имаме и подобри резултати во основните училишта, рече Пецаков.
Тој најави дека во наредниот период посебно внимание ќе биде посветено и на енергетската ефикасност на училишните објекти, со мерки за подобрување на системите за греење и ладење.
– Не се менуваат само условите, инвентарот, вратите и подовите и сè она што е потребно за нормално функционирање на училиштата и за учениците. Многу посветивме внимание и на она што претставува енергетска ефикасност на греењето на училиштата и тоа темпо ќе го продолжиме во наредниот период, рече Пецаков.
Според него, Општина Охрид има намера, во зависност од расположливите можности за инвестирање, да реконструира приближно по едно училиште годишно, со што истовремено значително би се намалиле трошоците за греење и ладење.
– Сега онаму каде што имаме можност да инвестираме, тоа би било приближно едно училиште годишно. Ние со тоа ќе продолжиме, а инвестицијата за нас како локална самоуправа значи и драстично намалување на трошоците за греење и ладење, доколку училиштата ги имаат сите услови за тоа, рече Пецаков.
октомври 7, 2026
