Економија
Македонија, Србија, Грција и Бугарија ги интензивираат регионалните енергетски врски и новите коридори за снабдување
Сигурноста на снабдувањето со енергенти (струја, природен гас, нафта) и координацијата на планираните проектни активности за подобрување на отпорноста и флексибилноста на електроенергетските системи се во фокусот на денешниот втор министерски самит за енергетика, што се одржува во Белград.
Самитот почна со пленарен состанок на делегациите од Македонија, Србија, Бугарија и Грција, предводени од ресорните министри Сања Божиновска, Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ, Ива Петрова и Ставрос Папаставру.
Искористување на гасниот интерконектор Бугарија – Србија, развој на Вертикалниот гасен коридор, пристап на Србија и Македонија до капацитетите за ЛНГ (течен природен гас) во Грција (при што Александруполис ќе служи како регионална влезна точка), координација на капацитетите и режимите на работа меѓу операторите на преносните системи, заеднички механизми во случај на криза со снабдувањето со гас, планирање на гасната инфраструктура со оглед на идната употреба на водород и обновливи гасови, како и заедничка или координирана набавка на гас, се само некои од темите на состанокот.
Според агендата, ќе стане збор и за потенцијална рута за југоисточен центар (хаб) на националниот систем на нафтоводи по должината на рутата Солун – Скопје – Ниш, но и за можноста за поврзување на Србија преку Македонија со енергетската инфраструктура и пристаништето во Солун.
Се очекува министрите да разменат и информации за достапноста на енергија во текот на претстојната зимска сезона, за потенцијалот за размена на електрична енергија и подготвеноста на преносните системи (особено во пресрет на предизвиците искусени во текот на летото), за планираните проекти за обновлива енергија, развојот на преносната мрежа и проектите за складирање енергија (батерии и реверзибилни хидроелектрани) за кои се разговараше на 15 мај во Атина (на првиот самит), за проблемите со високиот напон во регионот – инсталирање компензатор во трансформаторската станица (трафостаницата) „Врање 4“ до крајот на годината, како и за високите нивоа на оптоварување на регионалната преносна мрежа на 12 септември 2026 година.
По состанокот, предвидено е да се одржи заедничка прес-конференција.
октомври 7, 2026
