Свет
Кремљ демантира дека Русија води „војна во сенка“
Кремљ денеска ги демантираше тврдењата на директорот на Германската служба за надворешно разузнавање (БНД) дека Русија води „војна од сенка“ против европските држави, потенцирајќи оти тоа се неосновани изјави и дел од стратегијата за оправдување на трошоците за одбраната.
Директорот на БНД, Мартин Јегер вчера изјави дека Германија се соочува со ризик од насилен конфликт со Русија бидејќи Москва ја интензивира својата хибридна војна против европските демократии.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков наведе дека обвиненијата се целосно неосновани и немаат вистинска фактичка основа.
– Германија создава привиден непријател за да ги оправда средствата за милитаризација, истакна Песков.
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц во јули најави дека Берлин планира двојно да го зголеми буџетот за одбрана и до 2029 година, пред договорениот рок, да ја достигне целта на НАТО за издвојување на 3,5 проценти од БДП за одбраната.
октомври 7, 2026
