Connect with us

Свет

Комесарката за проширување на ЕУ повика на посилни механизми за заштита на владеењето на правото

Европската Унија треба да ги зајакне механизмите за заштита на владеењето на правото не само во идните земји членки, туку и во рамките на постојното членство во Унијата, изјави денеска европската комесарка за проширување Марта Кос.

Говорејќи во Европскиот парламент во Стразбур за време на размената на мислења за прегледите на политиките пред проширувањето, Кос нагласи дека Европската комисија предлага заедничка рамка на заштитни механизми за идните договори за пристапување. Оваа рамка предвидува мерки што би се применувале во преоден период од најмногу 15 години доколку новите членки сериозно ги прекршат вредностите на ЕУ, а во најсериозните случаи мерките би можеле да вклучуваат и суспендирање на правото на глас.

– Кога станува збор за владеењето на правото, треба да направиме нешто и меѓу земјите членки. Затоа предлагаме да седнеме со земјите членки и да го разгледаме членот 7 – како да се користи и како неговата примена да стане поефикасна – рече Кос.

Членот 7 му овозможува на Брисел да реагира при сериозен ризик од прекршување или при сериозно и трајно прекршување на основните вредности на Унијата, вклучително и владеењето на правото.

Европската комесарка додаде дека следењето на владеењето на правото ќе започнува уште пред пристапувањето и ќе продолжи откако земјата ќе стане членка на ЕУ, при што новите членки ќе бидат опфатени со целосниот пакет механизми на Унијата.

Новата рамка предвидува и засилена постепена интеграција на земјите кандидати, што ќе им овозможи поблиску да учествуваат во одбрани политики на ЕУ уште пред полноправното членство, но под услов да продолжат со напредокот во реформите.

– Постепената интеграција не е замена за членството во ЕУ. Само кандидатите кои се сериозни во намерата да станат членки ќе можат да бидат дел од оваа засилена интеграција – истакна Кос.

Таа исто така ја отфрли тезата дека процесот на проширување се заснова исклучиво на геополитички размислувања.
– Геополитиката го објаснува тоа зошто проширувањето е важно и зошто е приоритет. Но, принципот заснован на заслуги одредува под кои услови и кога една земја може да се приклучи – порача Кос.