Connect with us

Регион

Хрисохоидис: Во областа Атика секојдневно има по 100 пријави за семејно насилство

Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, секојдневно има околу 100 пријави за семејно насилство, а во цела Грција лани биле уапсени 13.000 лица, изјави министерот за заштита на граѓаните на Грција, Михалис Хрисохоидис, кој во интервју за државната телевизија ЕРТ, се осврна на случаите на фемицид и семејно насилство во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

– Кога во Атика има 100 пријави дневно, само во Атика, што значи околу 3.000 месечно и од овие пријави 25-30 отсто се апсења, што значи стотици апсења месечно и илјадници годишно, лани во цела Грција имавме 13.000 уапсени, од кои околу 1.000 се во затвор, значи дека луѓето почнаа да зборуваат, создадени се инфраструктури, органи и закони што ги заштитуваат жртвите. Ние континуирано ги охрабруваме жртвите да дојдат да пријават и најмало нешто, истакна Хрисохоидис.

Додаде дека појавата на семејно насилство нема целосно да исчезне, но може да се ограничи и секој ден се спасуваат човечки животи.

Се осврна и на специјализираните канцеларии за справување на семејно насилство што функционираат во рамките на полицијата, вкупно 64 во цела Грција, а во кои, како што рече, може секоја жртва да се обрати, да побара помош, заштита, но и привремен престој.

За уапсените кои нема да завршат во затвор, туку ќе им биде одредена мерка да не ѝ се приближуваат на жртвата, Хрисохоидис најави воведување на специјална електронска алка што ќе функционира на начин на кој при прекршување на мерката ќе се активира и ќе ги информира и жртвата и полицијата.