Општини
Влатко Стефановски Трио и Антонија Гиговска го преполнија Паркот на Револуцијата во Кочани
Паркот на Револуцијата во Кочани синоќа се исполни со публика која пулсирање во ритамот на музиката на Влатко Стефановски Трио и Антониа Гиговска. Концертот го означи почетокот на стопански – културната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“, која годинава се одржува по 35 – ти пат.
Влатко Стефановски со своето Трио забавата ја започна со едноминутно молчење во чест на младите животи трагично загубени во пожарот од март лани, а светски познатиот македонски гитарист својот настап го посвети на хуманитарни цели.
Со препознатливиот звук, виртуозната гитара, неправилните ритми и безвременските инструментали и песни, Стефановски доминираше на сцената, додека публиката во текот на целиот концерт пееше и уживаше во неговата музика. Во неговата интерпретација, македонската музичка традиција и современиот звук повторно се сретнаа, низ мотиви од „Македонско девојче“, „Јовано, Јованке“…
Влатко Стефановски со своето творештво со децении ја пренесува македонската музичка традиција на светските сцени, останувајќи еден од нејзините најпрепознатливи чувари и промотори на македонскиот културен идентитет.
Во доцните вечерни часови публиката уживаше во настапот на Антониа Гиговска – млад, препознатлив и моќен вокал, познат по својата емотивна интерпретација и впечатлива сценска енергија.
октомври 3, 2026
