Connect with us

Свет

Белорусија ослободува политички затвореници во замена за укинување на санкциите од САД

Белорусија започна нова рунда помилувања на политичките затвореници по разговорите меѓу претседателот Александар Лукашенко и американскиот претставник Џон Коал, соопшти денеска организацијата за човекови права „Вијасна“.

Белоруската државна агенција „Белта“ ја објави изјавата на Коал дека двете страни постигнале привремен договор Белорусија да ослободи 25 лица, а САД да ги укинат санкциите врз две белоруски компании.

„Вијасна“ соопшти дека на семејствата на некои затвореници им било кажано дека уште утринава можат да ги земат своите најблиски од казнено-поправните колонии.

Минатата година, САД започнаа преговори со Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, и постепено ги ублажуваат санкциите против Белорусија во замена за ослободување на затворениците.

„Вијасна“, организација чија работа е забранета во Белорусија, тврди дека земјата сè уште држи повеќе од 900 политички затвореници во заробеништво.

Коал од средината на минатата година активно работи на ослободување на стотици луѓе од затворите.

Меѓу најчестите обвинувања против нив се екстремистичка активност, заговор за преземање на власта, поттикнување омраза и навредување на претседателот.

Лукашенко тврди дека споменатите лица не се политички затвореници и ги отфрла тврдењата на организациите за човекови права и опозицијата во егзил дека тој постојано апси нови луѓе за да ги замени оние што ги ослободува.