Connect with us

Свет

Жена во Холандија уапсена поради нарачување убиство преку дарк веб

Жена (45) без постојана адреса е уапсена во Холандија во рамките на истрага за нарачување убиство преку дарк веб, соопшти ротердамската полиција.

Во соопштението се наведува дека жената е уапсена во петокот поради сомнение за вмешаност во случајот, додека РТЛ пренесува дека станува збор за обид за нарачано убиство на претприемач од Ротердам, чија домашна адреса и неодамнешна фотографија биле објавени на веб-страницата.

Како што пренесе РТЛ, жената е осомничена дека на дарк веб напишала: „Сакам да го изгорите жив и да се погрижите да не преживее“, а откако ја слушнала цената од 9.000 долари, прашала „колку чини да му се отсечат рацете и нозете, или, колку би чинело да се застрела“.

На крајот од преговорите, за време на обидот за нарачување на убиството, наводно биле исплатени 1.400 долари во биткоини, а бидејќи се покажало дека станува збор за измама, убиството никогаш не било извршено.

Осомничената денеска треба да биде изведена пред суд.