Connect with us

Свет

Романски Ф-16 утрово собори дрон што навлезе во романскиот воздушен простор

Романски борбен авион Ф-16 денеска собори беспилотно летало што навлезе во воздушниот простор на земјата, изјави романскиот претседател Никусор Дан, во најновото кршење на воздушниот простор на членката на НАТО.

„Утрово околу 11 часот, романски пилот во авион Ф-16 собори дрон што влезе во воздушниот простор на нашата земја“, напиша Дан на социјалната платформа Икс.

„Областа беше ненаселена, па пилотот можеше да го собори без никаков ризик. Тимови од надлежните институции моментално го пребаруваат подрачјето за да ги утврдат сите детали за инцидентот“, додаде тој.

Претседателот не го прецизираше потеклото на дронот.

Романското Министерство за одбрана објави дека леталото е соборено во близина на градот Падина, во округот Бузау, на истокот од земјата.

Воздушниот простор на Романија, членка на НАТО и Европската Унија, која дели копнена граница од 650 километри со Украина, постојано е нарушен од руски беспилотни летала откако Москва почна да ги напаѓа украинските пристаништа како дел од нејзината инвазија започната во 2022 година.

Кон крајот на мај, беспилотно летало се урна во станбена зграда и повреди две лица, што беше прв случај во кој беше погодена густо населена област на земја членка на НАТО и во кој беа предизвикани повреди за време на руската војна во Украина.