Свет
Најголемата опозициска партија во Полска се соочува со ризик од раскол
Најголемата опозициска партија во Полска, конзервативната Право и правда (ПиС), се соочува со опасност од раскол поради несогласувања околу нејзината идна политичка насока.
Лидерот на ПиС, Јарослав Качињски, денеска изјави дека повеќе од 30 пратеници практично ја напуштиле партијата.
Право и правда беше на власт во Полска од 2015 до 2023 година, пред либералната коалиција предводена од премиерот Доналд Туск да ја преземе власта. Во тој период партијата спроведе реформи во судството, именувајќи лојални судии на повисоките судски инстанци и поведувајќи дисциплински постапки против критичарите.
Обидите на Владата на Туск да ги поништи тие реформи повеќепати беа блокирани од претседатели кои имаа поддршка од ПиС.
Внатрепартиските тензии се засилуваат во пресрет на парламентарните избори следната година и поради растечката конкуренција од уште подесничарски политички партии.
Во центарот на спорот се долгогодишниот лидер Јарослав Качињски и поранешниот премиер Матеуш Моравјецки, кој ја предводи поумерената струја во партијата. Моравјецки во април го формираше политичкото здружение „Развој плус“, кон кое дел од членството на ПиС има резерви.
Синоќа истече рокот во кој пратениците требаше да се обврзат дека нема да членуваат во други политички здруженија. На вчерашната средба Качињски и Моравјецки не успеаја да ги надминат несогласувањата.
Качињски денеска изјави дека, како последица на тоа, повеќе од 30 пратеници ја напуштиле партијата и најави дека политичкиот комитет на ПиС ќе заседава во вторник за формално да ги потврди нивните оставки.
Сепак, европратеникот од ПиС и поддржувач на Моравјецки, Пјотр Милер, ги демантираше тврдењата на партиското раководство.
Во објава на платформата Икс, Милер наведе дека ниту еден член на ПиС кој е дел од здружението „Развој плус“ всушност не ја напуштил партијата.
Моравјецки денеска изјави дека тој и неговите соработници сè уште не разговарале за формирање нова политичка партија и дека „сите планови за иднината“ допрва треба да бидат разгледани.
Право и правда во моментов располага со 186 пратенички места во 460-члениот Сејм, долниот дом на полскиот парламент.
јули 25, 2026
