Економија
Ристески: Бројката на невработени лица е под 90.000, комисија веќе го прочистува списокот на Агенцијата за вработување
Бројката на невработени лица е под 90.000. Веќе е формирана група која работи на прочистување на списокот од Агенцијата за вработување и на вкрстување на податоците со списокот од корисниците на социјална помош, рече денеска заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Според него, бројката 90.000 не е реална, зашто засега во неа влегуваат и лица од 16 до 18 години, како и земјоделци кои се пријавуваат како невработени, а остваруваат приходи.
-Прочистувањето на списокот на Агенцијата е барање и на Европската Унија. Кога ќе бидат вкрстени податоците, ќе бидат и прочистени и еднаш засекогаш ќе се реши проблемот со луѓето кои користат социјални мерки, испумпуваат средства од буџетот, а немаат право на тоа, истакна Ристески кој во Стопанската комора ја промовираше мерката „Поддршка за креирање нови работни места“ од Оперативниот план за вработување за 2026 година.
Тој оцени дека „самовработување“-то и поддршката на правните субјекти за креирање нови работни места, се двете најатрактивни мерки од Оперативниот план. За мерката „самовработување“ се поднесени преку 5.500 апликации за 10 дена, додека траеше пријавувањето, додека до крајот на вчерашниот ден за мерката „Поддршка за креирање нови работни места“ се поднесени 626 пријави од компании за вработување 792 лица.
-Има новитет во овие две мерки – субвенционирање на повратници. Категоријата повратници покрај поддршката предвидена со двете мерки, ќе добие плус 10 проценти бонус. На пример, ако е лицето повратник до 29 години и го вработи некоја компанија, субвенционирањето нема да биде 250.000, туку 275.000 денари или плус 10 проценти. И на сите овие мерки и сите овие бројки кои ги кажав плус 10 преоценти ќе има бонус на субвенционирањето. Оваа година Владата прв пат направи стратегија за иселеници и за повратници, така што, во иднина, не само преку Министерството за економија и труд или преку Оперативниот план, туку и преку други институции ќе има голем број активни мерки за нашите иселеници кои, за жал, ги има доста, а со тоа на пазарот на трудот се помалку има квалитетна, квалификувана и работоспособна работна сила, рече Ристески.
Во законот, нагласи, треба да се дефинира и да се направи општа дефиниција што значи повратник, колку време треба да престојува некој надвор, па да се врати назад.
Од оваа година, прв пат, со Оперативниот план ќе има и посебна комисија која ќе го следи реализирањето на средствата од сите мерки. Составена ќе биде составена од членови на министерствата за економија и за финансии, како и од претставници на Кабинетот на премиерот.
Како што напомена Ристески, целта на Владата не е само луѓето да се вработуваат и да отвораат бизниси, туку и бизнисите да бидат одржливи, да опстојуваат.
-Нашата цел не е само да се даваат парите и утре некој да го затвори бизнисот па да одиме по судови да се бараат парите назад, туку треба да се изберат најдобрите бизнис идеи, да се поддржат и тие понатаму се мониторираат, да ги следиме наредните две години за да застанат на здрави нозе, да можат да функционираат и да опстојуваат. Со овие мерки не ја подобруваме само невработеноста во Македонија, да биде помала, туку многу придонесуваме и за развој на локалната економија во општините со творење вакви мали, микро и средни компании. Сметам дека голем дел од тие компании кои порано отвориле, почнале со еден вработен, денес поголем дел од нив имаат 5, 10, 15 и повеќе вработени, значи опстојуваат. Процентот на опстојување на овие две мерки и реализацијата е над 80 отсто, процентот на опстојување на компаниите со самовработување е скоро 80 отсто, што е добар просек, потенцира заменик-министерот.
Во врска со реакциите на синдикатите дека 60 отсто од работниците земаат плата помала од просечната, Ристески посочи дека ваквата информација не е точна.
-Информацијата мислам дека не е точна дека над 60 проценти земаат помала од просечна плата. Ние ги имаме тие статистички податоци и цело време со сите овие мерки, владини политики, правиме да се подобрува животниот стандард, а со тоа да се зголемуваат и платата во Македонија. И тоа го правиме врз база на добро анализирани податоци, не ад-хок мерки, политички мерки и така натаму. Во Македонија треба да имаме предвид дека секогаш платата треба да биде во корелација со економскиот раст, со продуктивноста и со степенот на инфлација, и овие параметри треба секогаш да ги следиме. Но, колку има помалку работна сила на пазарот на труд, толку повеќе растат платите поради конкурентност на пазарот на труд, бидејќи вработените ако земаат ниски плати никој не може да ги задржи во фирмата, тие бегаат во други фирми. Тоа е процес последниве барем две-три години. Ние сè ќе правиме платите и понатаму да растат и за тоа имаме и Економско-социјален совет на кој заедно дискутираме со работодавачи и со синдикати – тука се владините институции, и ќе работиме сите заедно на подобрување на животниот стандард и на платите. Тоа не е интерес само на Владата, тоа е заеднички интерес на сите, подвлече заменик-министерот Ристески.
јули 15, 2026

