Економија
Божиновска: Македонија влегува во Вертикалниот гасен коридор
Нов стратешки исчекор во зајакнувањето на енергетска безбедност и регионална поврзаност. Македонија обезбеди покана за приклучување кон Вертикалниот гасен коридор – една од најзначајните европски иницијативи за диверзификација на снабдувањето со природен гас и зајакнување на енергетската стабилност во Југоисточна, Централна и Источна Европа. Проширувањето на Коридорот кон Западен Балкан е резултат на интензивните дипломатски активности што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализираше во изминатиот период, предводени од министерката Сања Божиновска, соопшти денеска МЕРМС.
Во рамките на посетата на Вашингтон, се вели во соопштението, Божиновска остварила средби со високи претставници на американската администрација, при што била истакната важноста од развојот на регионалната енергетска поврзаност и диверзификацијата на снабдувањето со природен гас. Овие активности продолжиле и на Energy Transition Summit во Атина, каде што министерката остварила билатерални средби со министрите за енергетика од регионот, по што бил отворен процесот за вклучување на Македонија во проширувањето на Вертикалниот гасен коридор кон Западен Балкан.
-Одлуката беше потврдена на состанокот на операторите на гасните преносни системи, одржан во Атина, на кој беше договорено приклучувањето на НОМАГАС кон оваа регионална рамка за соработка. Покрај земјите кои веќе се дел од иницијативата – Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Украина, Словачка и Унгарија – во процесот на приклучување се и Македонија и Србија. За Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, ова претставува значаен чекор во реализацијата на стратешката цел – Македонија да стане активен дел од европската енергетска мрежа, со сигурно, диверзифицирано и конкурентно снабдување со природен гас – се додава во соопштението.
Приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, додаваат од МЕРМС, не значи изградба на нов единствен гасовод, туку интеграција во координирана европска мрежа од национални гасоводи, интерконектори и терминали преку кои природниот гас ќе може да се движи по повеќе правци, од југ кон север на Европа.
Оваа иницијатива, се додава во соопштението, директно се надоврзува на капиталните инфраструктурни проекти што ги реализира Министерството – изградбата на интерконекторот со Грција, кој треба да биде ставен во функција во текот на 2027 година, како и подготовките за интерконекторот со Србија. Со нив Македонија, нагласуваат од МЕРМС, првпат ќе добие можност за пристап до повеќе извори на природен гас, вклучително и до течниот природен гас (LNG).
-Со приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, значително се зголемува и стратешката вредност на овие инфраструктурни инвестиции. Наместо да бидат само национални проекти, интерконекторите со Грција и Србија стануваат дел од поширока европска транспортна мрежа, што ќе овозможи подобро искористување на капацитетите, поголема флексибилност и повисоко ниво на сигурност во снабдувањето, а со тоа земјата станува и важна транзитна точка за снабдување со гас во регионот и Европа – истакнала министерката Божиновска.
Во услови кога Европа забрзано ја трансформира својата енергетска архитектура и ги диверзифицира снабдувачките правци, приклучувањето кон оваа иницијатива, се нагласува во соопштението, претставува навремено позиционирање на Македонија во новата европска енергетска мапа.
-Дополнителен показател за значењето на Коридорот е и големиот интерес на енергетските компании за транспортните капацитети. Ова потврдува дека Вертикалниот гасен коридор веќе се препознава како една од клучните идни рути за транспорт на природен гас во регионот. Формалното приклучување кон иницијативата се очекува во септември во Солун, кога и официјално ќе се потпише декларацијата за пристапување кон рамката за соработка на Вертикалниот гасен коридор. Со овој чекор, Македонија не само што ја зајакнува сопствената енергетска безбедност, туку се позиционира како важен дел од новата регионална инфраструктура што ќе придонесе за посигурно, поконкурентно и поотпорно снабдување со природен гас за целиот регион – истакнуваат од МЕРМС.
јули 15, 2026

