Connect with us

Вести

Јаневска: Прашањето за учебници повеќе не е предизвик, трета година по ред се навреме набавени

Ден пред почетокот на учебната 2026/2027 година, министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека учебниците се навремено набавени и се испорачани онолку колку што побарале училиштата.

– Набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари во споредба со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција. Трета година по ред учебниците се навремено набавени во тираж што го побараа училиштата. Тие се испорачани и уште утре може да им бидат поделени на учениците. Задоволство ми е што прашањето за учебници повеќе не е предизвик како во минатото – рече Јаневска на прес-конференција.  

Информира дека целосно нови учебници во полн тираж се набавени за прво, второ и трето одделение, со оглед дека тоа се учебници во кои има и работни листови, како и за осмо одделение и за втор клас во гимназиско образование, каде што од оваа година ќе се учи по нови наставни програми, според планот за реформа на основното и средното образование.

На прес-конференција во пресрет на 1 септември министерката им посака успех на сите ученици, наставници и стручни соработници.

Истакна дека е оптимизирана училишната мрежа и во голем број училишта условите се значително подобрени. За учениците со посебни образовни потреби се ангажирани најмногу образовни асистенти досега – 1.358 во основното и 166 во средното образование. За учениците што се на подолго болничко или на домашно лекување, ќе биде достапна можноста воведена законски минатата година – да се вклучат онлајн во наставата во класот или, пак, наставникот индивидуално да работи со нив. 

Во новата учебна година, рече Јаневска, продолжува грижата за талентираните ученици, така што МОН ќе ги покрива целосно трошоците за пат и учество на меѓународни научни олимпијади. 

Потсети и дека се реализира одлуката на Владата за 15 отсто намалени цени на училишниот прибор, што ќе важи до 30 септември, и дека во октомври ќе бидат објавени конкурсите за ученички стипендии.

Министерката нагласи дека ниеден редовно вработен наставник нема да остане без работа поради процесот на оптимизација на училишната мрежа, со кој во училиштата се воведува едносменска настава. 

За наставниците и за сите други вработени во училиштата министерката посочи дека во март 2027 ќе добијат ново покачување на платите помеѓу 7,5 и 10 проценти, во зависност од стапката на инфлација. 

Покачувањето е во согласност со договорот со СОНК пред две години преку кој досега, рече таа, платите им се зголемени за над 20 проценти, а речиси 300 наставници и стручни соработници напредувале во звања ментор и советник, што исто така подразбира зголемен личен приход.