Вести
Ново академско рангирање на балканските универзитети, УКИМ лидер во земјава, Кедев на врвот меѓу македонските истражувачи
Македонските универзитети значително заостануваат зад водечките регионални институции според бројот на цитати и научното влијание. Растот на научната продукција и цитираноста во Македонија е побавна отколку во повеќето соседни земји, што дополнително го зголемува заостанувањето. И покрај тоа, во државата постојат врвни истражувачи, особено во медицинските, техничките и природните науки, кои постигнуваат резултати со меѓународна видливост. За подобрување на состојбата, неопходни се системски реформи, поефикасно финансирање и поголема меѓународна конкурентност во високото образование.
Ова беа дел од заклучоците што беа изнесени денеска на промоцијата на проектот „Академското рангирање на балканските универзитети (АРБУ)“, кој врши рангирање на професори (истражувачи) и универзитети од Балканот врз основа на бројот на цитати на платформата Google Scholar.

Македонскиот најдобар универзитет, УКИМ, има помалку од 400.000 цитати, а Загреб има 4,5 милиони. Во моментот кај нас имаме пад на цитираноста од 7 до 8 проценти годишно, а кај голем дел од соседните земји растот достигнува и до 25 проценти. Меѓу македонските научници најцитирани се оние од областа на медицината, потоа следуваат, техничките науки, физиката, клиничките науки и хемијата.

АРБУ претставува најобемна анализа на високото образование во регионот досега. Рангирањето опфаќа 324 универзитети и високообразовни институции од осум балкански држави, повеќе од 33.000 професори и истражувачи и над 19,7 милиони научни цитати регистрирани на „Гугл сколар“ (Google Scholar). Со тоа првпат е создадена единствена регионална база на податоци, која овозможува директна споредба на научните перформанси на универзитетите и истражувачите од целиот Балкан. Проектот е создаден со цел да обезбеди поголема транспарентност во високото образование и да понуди јасна слика за научниот придонес на универзитетите и истражувачите во регионот преку мерење на нивното научно влијание и цитираност.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска во обраќањето пред присутните рече дека е многу значајно јасно да се согледа реалната состојба за која постојано се тврди дека е лоша и мора да се преземат одредени чекори за таа да се подобри.
– Науката е од исклучително значење за развојот на општеството. Како ќе ја подобриме состојбата? Така што носиме нова законска регулатива и обезбедуваме доволно средства за нејзина имплементација. Само за споредба, во 2022 година за наука биле издвоени речиси 380 милиони денари, а оваа година се издвоени 773 милиони денари, односно повеќе од 770 милиони. За високото образование во 2022 година биле издвоени приближно 3 милијарди денари, а оваа година околу 8 милијарди денари. Вложуваме значителни средства. За време на дискусиите за трите закони поврзани со високото образование многу разговаравме и за критериумите и за цитираноста. Сега јасно се гледа колку е важно она што е предложено во законите – рече министерката Јаневска.
Таа додаде дека никогаш досега во историјата не биле издвоени толку средства за наука како минатата година кога инвестирале 6 милиони евра во 45 научноистражувачки проекти.
– Постојано ја исплаќаме целосната сума на средства за секој објавен труд во списание со импакт-фактор. Исто така, доделуваме еднократна награда за оние што објавиле труд во списание со импакт-фактор. Обезбедуваме средства и поддршка за научници и истражувачи што сакаат да поминат одреден период во странство, било за патување, било за дел од трошоците за престој. Ги доделуваме и шангајските стипендии. Значи, правиме многу во однос на она што требало да се направи и во минатото – нагласи Јаневска.
Таа ја поздрави иницијативата за академско рангирање на балканските истражувачи и универзитети врз основа на цитираноста според „Гугл сколар“ и рече дека АРБУ може да им биде од голема помош на сите заинтересирани страни – професори, студенти, институции и пошироката јавност.
– Преку неа може да се добие реална слика за состојбата во високото образование на Балканот, во секоја држава поединечно, а нас особено нè интересира она што се случува кај нас. Како Министерство и како Влада сме свесни за фактот дека македонското високо образование заостанува во споредба со другите земји во регионот. Тоа не е состојба од оваа или од минатата година, туку трае многу години наназад. Состојбата може да се подобрува или да се влошува. Нашата цел не е само да добиеме македонски универзитет меѓу првите 2.500 на Шангајската листа. Нашата цел е да изградиме универзитети што ќе го движат националниот развој, ќе образоваат студенти подготвени за предизвиците на 21 век и ќе создаваат наука затоа што таа е основа за развојот на целото општество – нагласи министерката.
Таа рече дека искрено верува оти имаме квалитетен професорски кадар и додаде дека е потребен само дополнителен поттик за професорите своите предавања да ги претворат во инспирација за студентите и да создадат мотивација кај своите колеги да работат во истата средина и под истите услови во кои работат и тие.
– Затоа нашата поддршка е насочена кон подобрување на условите во кои работат професорите, кон воспоставување систем за стимулација и унапредување на наставно-научната работа, кон создавање можности за професионален развој и меѓународна мобилност, како и кон воведување јасни правила за напредување во кариерата. На тој начин професорите добиваат поголема можност да се посветат на квалитетна настава, иновативни истражувања и менторство на студентите. Овие можности отсекогаш постоеле, но сега треба дополнително да ги мотивираме луѓето да ги искористат. Тоа го правиме преку новиот Закон за високото образование, кој е подготвен инклузивно и со јасна визија за она што сакаме да постигнеме. Законот гарантира зачувување на автономијата на универзитетите, што беше предмет на многубројни дискусии и критики. Истовремено, предвидува транспарентни критериуми за евалуација и напредување, како и механизми за поддршка на младите истражувачи, поттикнување поголема научна продукција и поголема вклученост во меѓународни размени – рече министерката Јаневска.
Претседателот на АРБУ, д-р Марјан Бојаџиев, во обраќањето пред присутните истакна дека станува збор за проект на кој работат подолго време и кој се обидува да ги рангира универзитетите и истражувачите кои не се опфатени со трите најпознати светски рангирања.
– За Македонија, ова е особено важно бидејќи покажува колку активни индивидуални истражувачи имаме и колку е значајна науката за влијанието врз општеството. Ние имаме одлични истражувачи, но, за жал, системот сè уште не е доволно добро институционализиран. Искрено се надевам дека со законот за квалитетно високо образование тоа ќе може да се регулира и дека ќе одиме напред – рече тој.
Додаде дека има и извонредни резултати кај два универзитети што се дел од меѓународни асоцијации. Тоа се Универзитетот на Југоисточна Европа и Универзитетот „Гоце Делчев“. Универзитетот на Југоисточна Европа е веќе рангиран како најдобар во областа на бизнисот и економијата. Тој има пет истражувачи меѓу водечките во однос на влијанието врз градењето политики, а Универзитетот „Гоце Делчев“ постигнува одлични резултати во областа на економијата и менаџментот.
Тој потсети дека во 2011 година било претставено првото рангирање според Шангајската листа, а анализата што била направена кај нас покажала дека речиси сите први 50 универзитети во светот доаѓаат од земјите што се меѓу првите 50 економии во светот.
– Имаше исклучок од десетина универзитети, што статистички претставуваше грешка од околу два проценти. Тоа беа универзитети од централна Европа. Меѓу нив беа универзитетите од Загреб, Љубљана, како и неколку други. Немаше ниеден од Македонија. Франција, која тогаш беше седма економија во светот, немаше ниеден универзитет во првите 50 на таа листа. Ова е важно поради она што следуваше во наредните години. Тоа беше фактичката состојба. Но, по само две години се појави нов регионален лидер, а тоа беше Универзитетот во Белград, кој тогаш беше рангиран меѓу позициите 201 и 300, а подоцна напредуваше уште повеќе. Уште тогаш можеше да се види дека таков успех е можен. Во периодот од 2011 година до денес на Шангајската листа се појавија нови универзитети не само во генералното рангирање туку и во рангирањата по научни области. Се појавија и нови универзитети од Хрватска, како оние од Осиек, Риека и Сплит. Во меѓувреме, ние постојано зборувавме дека само ние немаме универзитет на тие листи – рече тој.
Бојаџиев истакна дека во светот постојат три највлијателни системи за рангирање, Шангајското (Academic Ranking of World Universities – ARWU и двата британски система, QS World University Rankings и Times Higher Education World University Rankings. Додаде дека постојат и други познати рангирања, како Webometrics и некои слични системи, но тие се со помало значење во академскиот свет.
Појасни дека овие системи имаат разни критериуми при рангирањето, обично шест или седум групи индикатори, но најчесто тие се сведуваат на три главни категории: истражувачка извонредност, квалитет на наставата и постигнување на образовните цели, како и влијанието врз општеството, односно таканаречената трета мисија на универзитетите.
– Бидејќи првите две категории се тесно поврзани, истражувачката дејност останува апсолутно најважниот елемент во сите релевантни рангирања. Токму затоа драго ми е што денес не зборуваме само за институциите, туку и за индивидуалниот придонес на секој истражувач. Сепак, состојбата е многу лоша. И не велиме дека виновна е Владата, ниту дека нема буџет. Секој може за неколку минути да го провери бројот на цитати и да ја види реалната слика. Нашиот најдобро рангиран универзитет веќе е на ниво каде што набргу ќе биде достигнат од универзитети како оној во Крагуевац. Во моментот имаме речиси 396.000 цитати, а Универзитетот во Загреб има приближно 4.600.000 цитати. Овие бројки навистина се загрижувачки. Особено ако се има предвид дека универзитетите, кои се меѓу првите 500 во светот, имаат уште значително подобри показатели – додаде тој.
Нагласи дека среднорочно мора да се преземат конкретни чекори бидејќи краткорочно е невозможно за една или две години да се достигне нивото на најдобрите универзитети во регионот.
Растот на бројот на цитати во последните две години кај нас е значително помал од растот што го бележат соседните универзитети и академски системи.
Тој рече дека индивидуалниот придонес е многу значаен бидејќи најдобро ја покажува истражувачката активност. Дваесет и петте водечки истражувачи, кои денеска беа поканети и им беа доделени сертификати, имаат научна продукција еднаква на онаа што ја имаат следните 75 истражувачи заедно. Дополнително, првите сто истражувачи заедно имаат научна продукција, која е споредлива со продукцијата на повеќе од половина од вкупно три илјади наставно-научни кадри во државата.
– Како што беше споменато, буџетот за образование и наука е зголемен и очигледно е дека доколку овие сто истражувачи ги поддржиме на соодветен начин, ефектот би бил многу поголем отколку кај другите. Очигледно е дека имаме шампиони, но исто така е очигледно дека немаме шампионски систем. Имаме поединци постигнуваат одлични резултати, но системот не успева да го одржи и надгради тој квалитет – рече тој.
На настанот беа доделени признанија на најдобрите истражувачи, како и на најдобро рангираните универзитети, а најцитиран меѓу научниците е д-р Сашко Кедев, кој пред присутните порача дека е многу важно да се знае реалната состојба, како и дека треба да се поддржат сите иницијативи што се преземаат за да се подобри таа состојба.
– Ако имаме одредени предлози, треба конструктивно да пристапиме кон нив и да видиме дали треба да ги поддржиме или имаме некои подобри. Ако немаме подобри, треба секако сите заеднички да направиме напор да излеземе од оваа состојба. Јас доаѓам од областа на клиничката медицина и ќе се задржам на тој дел од аспект дека научноистражувачката работа во клиничката медицина е еден сегмент. Здравствениот сегмент е друг дел, кој има огромно значење. Од тие причини многу е важно, според мене, да се фокусираме на есенцијалните работи. Точно е дека е важно да имаме видливост и домашно и меѓународно – рече Кедев.
Тој дополни дека од сегашна перспектива и искуството што го има може да каже дека луѓето што се фокусирани на целта и трчаат кон неа, кога ќе ја постигнат, чувствуваат празнина.
– Еве пример, еден млад научник на нашите универзитети како млад научник трча кон целта да стане редовен професор. Кога ќе стане редовен професор, чувствува празнина. Меѓутоа, суштината е да го најдеме патот кон таа цел бидејќи кога ќе го најдеме патот кон таа цел, тогаш целта ја носиме засекогаш со себе. Токму патот до целта се есенцијалните работи. Во клиничката медицина патот до целта е врвни активности во здравствената дејност, кои ќе бидат преточени преку научноистражувачки проекти, преку домашна соработка, креирање меѓународна мрежа и публицирање. На тој начин ќе им помогнеме не само на матичните институции туку и на универзитетот во кој работиме и секако на државата бидејќи ова е од висок национален интерес за државата. За жал, за нас е поразително кога гледаме дека некои центри и универзитети од регионот се подобро рангирани – рече Кедев.
Тој нагласи дека македонското здравство, иако сега Загреб, Белград или Љубљана се понапред, во 50-тите години на минатиот век, кога е формиран Медицинскиот факултет, било пред здравството во овие три држави.
– Тоа малку колеги го знаат. Значи, македонското здравство било пред тие универзитети што ги гледаме сега. Значи, ние треба да се запрашаме зошто немаме континуитет бидејќи суштината е токму во континуитетот. Од тие причини, сите заеднички треба да најдеме начин да дадеме придонес и да ја подобриме нашата состојба. Имаме потенцијал и сметам дека треба да го искористиме – порача Кедев.
јуни 11, 2026


