Вести
Почна втората фаза од проектот „Училишта на 21 век“ – ќе овозможи повеќе дигитални вештини за учениците во целата земја
Од Основното училиште„Коста Рацин“ – општина Брвеница почна втората фаза на проектот „Училишта на 21 век“, што го спроведуваат Министерството за дигитална трансформација, во партнерство со Британскиот совет и „Македонски телеком“.
Проектот има цел унапредување на квалитетот на образованието преку развој на вештини за критичко размислување, решавање проблеми и основи на кодирање кај учениците, со што тие ќе се подготват за предизвиците на современиот пазар на труд.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски рече дека потенцијалот на дигитализацијата на дигиталните вештини лежи во сите млади луѓе и затоа е важно што втората фаза почнува надвор од главниот град и надвор од градовите.
– Проектот ќе посети повеќе од 100 училишта. Ќе работи со 1 000 наставници коишто ќе бидат подготвени да работат со уреди, микро битови и како тие уреди да ги применат во пракса за да развијат кај учениците основи на програмирање, критичко размислување и да постави идеја за сајбер безбедност, идеја за вештачка интелигенција да ги натера да работат на реални проекти од денешницата, да решаваат проблеми да ги надминуваат проблемите во наставата, а на тој начин да градиме подобри ученици, поквалитетни луѓе коишто лесно ќе се приклучат на пазарот на труд ќе ги имаат овие основни и напредни дигитални вештини уште во основното образование, а потоа ќе можат да ги пренесат во било што што ќе работат во нивниот живот – истакна Андоновски.
Амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, потсети дека проектот во првата фаза траеше од 2018 до 2022 година и го оцени како една од највлијателните образовни иницијативи во регионот. Во Македонија вклучени биле околу 2.000 наставници, 320 училишни раководители и 85 .00 ученици. Биле дистрибуирани 10.000 микробита во училиштата во целата земја.
– Таа им помогна на училиштата да бидат иновативни преку спроведување на обуки за стекнување на нови вештини на наставниците и ги поттикна учениците да развиваат вештини како критичкото размислување преку микробит технологијата. Програмата покажа дека иновациите во образованието можат да се зголемат и да бидат одржливи, надоградувајќи се на овој успех, Обединетото Кралство го продолжува своето партнерство заедно со министерството за дигитална трансформација и Македонски телеком за спроведување на втора фаза од програмата „Училиште на 21 век“. Инвестирањето во дигиталните вештини образование останува приоритет, бидејќи технологиите како што се вештачката интелигенција и сајбер безбедноста ги преобликуваат економиите и општествата во светот – рече Лосон.
Од „Телеком Македонија“ информираа дека освен како партнери во проектот, одлучиле дополнително да обезбедат опремување на пет училници низ државата, од кои едната е во Брвеница.
– Сметаме дека со ова ја помагаме иднината на нашите деца, со новите вештини ќе бидат многу подготвени за времето кое доаѓа-дигиталната доба, времето на вештачката интелигенција и време во кое ќе биде важно да знаат сајбер безбедност. Идејата е во тие училници е да се добијат повеќе услови за работа, а и овој проект ќе добие поголема значајност – рече Горан Марковиќ, главен извршен директор на „Телеком Македонија“.
Информациско комуникациските технологии се дел од нашето секојдневие и затоа за децата треба да бидат соодветно подготвени за нивна, правилна, безбедна и одговорна употреба, истакна градоначалникот на Брвеница, Јовица Илиевски.
– Неопходни се пристап до тие технологии и развој на дигиталните вештини. Tокму тоа го овозможува ова партнерство, па затоа бескрајно сум благодарен што министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, амбасадата на Обединетото Кралство, британскиот совет и „Македонски телеком“ за нивната поддршка и партнерство во унапредување на образованието.
Клер Сирс, регионална директорка на Британскиот совет за Западен Балкан, рече дека со овој проект општеството се осигурува дека младите луѓе не само што ќе развијат дигитални вештини, туку ќе се здобијат со самодоверба вистини за критичко размислување и отпорност.
– Кога ќе ги опремите наставниците со практичните вештини со обуки од висок квалитет и континуирана поддршка тоа придонесува кон вистинска и значајна промена во училниците. Кога учениците и на децата ќе им дадете проблеми од реалниот свет да ги решат и кога ќе му обезбедите поддршка за нивната природна љубопитност и креативност со дигитални алатки и поддршка во училниците и охрабрување, децата продолжуваат да ве изненадуваат со сè она што се способни да го создадат и достигнат – рече Клер Сирс.
Втората фаза од проектот е предвидено да трае две години, а вложени се 350 илјади евра.
јуни 11, 2026


