Connect with us

Вести

Комисијата за еднакви можности усвои заклучоци за посилна заштита од семејно и родово базирано насилство

Фемицидот да се третира како најтешко кривично дело со можност за доживотен затвор, заострување на казнената политика, силен институционален одговор, професионализација на службите, законска одговорност, се вметнати во заклучоците што денеска ги изгласаа членовите на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите на 9-тата седница.

Претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска, рече дека по исцрпните дискусии изнесени на јавната расправа одржана на тема „Имплементација на конвенцијата на советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашното насилство, односно Истанбулската конвенција“, предлага да се донесат заклучоците, меѓу кои и редизијанирање на координативното тело со експертски пристап, законска одговорност и квартално известување за резултатите. Центрите за социјална работа, надлежните институции, треба да се доекипираат, да имаат обуки и да се сертифицираат. Опфатен е и интегриран систем за податоци и координација, да се воспостави функционален дигитален систем за размена на податоци меѓу институциите со унифицирана евиденција и редовен мониторинг за зголемување и стандардизација на услугите за жртвите и проширување на мрежата на засолништа.

Како што рече Пешевска, во заклучоците е предвидено и формирање кризни регионални центри, територијална покриеност и 24/7 пристап до услугите, долгорочна поддршка и реинтеграција на жртвите на семејното насилство.

– Престојот во засолништата и финансиската помош да се продолжат со системски мерки за вработување, домување и бесплатна психосоцијална поддршка, системска работа со сторителите, да се воведе задолжителен психосоцијален третман со судска мерка, следење на ризикот од повторување и проширување на програмите во државата, одржливо и предвидливо финансирање, да се обезбеди стабилен финансиски модел држава – локална самоуправа и невладини организации, базиран на реални трошоци и повеќегодишно планирање – рече Пешевска.

Предвидено е и јакнење на свеста уште во образованието преку воведување програми, кампањи и за жртвите и кон потенцијалните сторители, целосна имплементација на законската рамка, односно да се донесат сите подзаконски акти да се усогласи судската пракса и да се обезбеди доследно спроведување на стратегиите и законите.

Членовите на Комисијата ги усвоија заклучоците, кои ќе бидат доставени до Владата.

Денеска, Комисијата го одржа и првото продолжение на 13-тата седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Претседателката на Комисијата рече дека по исцрпните дискусии изнесени на јавната расправа одржана на 7 април за нацрт-национална стратегија за превенција и заштита од насилство, ѝ предложи на Комисијата да усвои повеќе заклучоци, меѓу нив и одржливо, институционално финансирање на СОС-линиите, специјализираните сервиси и долгорочни механизми за заштита. Подобра координација меѓу институциите, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор со јасно дефинирани улоги, обврзувачки механизми за постапување, достапна и бесплатна правна психосоцијална здравствена помош, итно сместување и програми за долгорочно закрепнување и економско зајакнување на жртвите.

Ќе се јакнат и капацитетите и сензитивноста на институциите МВР, центрите за социјална работа, судовите и обвинителствата за навремено и соодветно постапување, ќе се одржуваат специјализирани обуки за професионалците од овие институции, кои работат со жртвите, ќе се подобрува судската и правната заштита. 

– Предвидено е и унапредување на санкциите и обезбедување поддршка за жртвите, со цел избегнување секундарна виктимизација, развој на национален систем за мониторинг, користење анонимизирани податоци и редовен надзор врз спроведувањето на стратегиите и мерките, рамноправен пристап до услуги за сите жени, особено за жени со попреченост, жени од рурални средини, возрасни жени, жени жртви на дигитално насилство – рече Пешевска.

Во заклучоците е опфатено и подобрување на меѓусекторската комуникација и документирањето на случаите меѓу сите релевантни фактори во системот за заштита. Ќе се зајакне и превенцијата преку образование, работа со млади и мажи, обука на кадар во образованието за рано препознавање и навремена реакција на знаци на семејно насилство.

Предвидено е поголемо искористување на мерките за економско зајакнување и поддршка за независност и сигурност на жртвите, но и ревидирање на законските акти со обезбедување транспарентен буџет, како и јасни стратешки пристап кон финансирањето на услугите, развој од достапност на специјализирани лиценцирани услуги, вклучително сервиси за лица во криза и сторители и жртви со специфични потреби.

Комисијата ги усвои заклучоците, кои ќе бидат доставени до Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Ad
Ad