Connect with us

Култура

Трибина на МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот е место на промени

„Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“ е насловот на првата од двете трибини на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што се одржа синоќа Во Прилеп, а говори за состојбите во македонскиот театар. 

Според модераторот Христина Цветаноска Станковска, во рамките на Фестивалот и неговото мото „Храбриот нов театар“ дадена е можноста да се отворат низа важни прашања за улогата на театарот денес.

– Кога зборуваме за храброст на театарот, често мислиме на нова естетика, испробување нови форми, експерименти на сцената. Ама подеднакво важно е да се запрашаме дали театарот денес има храброст да влезе во директен дијалог со македонскоото општество. Се поставуваат прашањата: што е поопасно за едно општество: Дали е тоа конфликтот кој произлегува од овој отворен јавен дијалог, или, пак, удобноста на молкот и резигнацијата?, рече Цветаноска Станковска.

Теоретичарката на уметноста и професор на ФДУ, Искра Гешоска нагласи дека Фестивалот е многу значаен за државата и многу е важно во годишното стратешко планирање да го пренесе ставот како театрите понатаму треба да фукнционираат и каде е грешката. 

– За жал, особено денеска, театарот често знае да западне во удобниот молк. Во македонскиот контекст постои системска тенденција институционалниот театар да ја симулира критичноста, да зборува слободно, под наводници, за теми кои веќе се безбедни за зборување. Денешниот македонски театар честопати се плаши од брехтовската резолутност. Претпочита топлина, идентификација, леснотија, а не публика која ќе излезе од театарот обременета со бројни прашања кои бараат одговор, смета Гешоска.  

Режисерката и професорка на ФДУ, Зоја Бузалковски низ конкретните сопствени примери и заложби преку театарските проекти да поттикне општествени прашања, загриженост и решенија, смета дека сѐ уште го сфаќа театарот како место на општествени промени.

– Театарот сериозно може да му се замеша на животот. Јас сѐ уште го сфаќам театарот, можеби наивно, како место на промени. За мене е промена кога некои луѓе од публиката демонстративно ќе си заминат од претставата. На пример, за мене беше голема победа на претставата кога цело семејство ја напушти зашто се говореше за семејното насилство и за инцестот. Сметам дека не е затоа што претставата е естетски лоша, туку зашто вознемирува, иритира, плаши и темата допира, рече Бузалковска. 

Кристина Леловец, актер и професор на ФДУ смета дека ние доволно не ја користиме институционалната сцена, туку мислиме дека надвор од неа можеме повеќе да направиме. 

– Вистината е дека културната сцена се создава во рамките на условите. Бранењето да се биде на независната сцена е многу политички опасно. Допрва ќе треба да се самоекипираме. Гледам некаква надеж во тоа поврзување на независната театарска сцена. Фестивалот се труди да ја држи отворена таа програма. Независната сцена е таа која доаѓа да ги реформира театарските сцени. Ќе се обидеме да направиме некаква форма, сојуз, платформа од која ќе дејствуваме заеднички, и не само за вработување но, пред сѐ, за внатрешна еманципација, рече Леловец. 

Драмскиот писател Сашо Димовски признава дека неговата работа, главно, се одвива во институционалниот театар. А институционалната форма на театарот не можеме да ја замислиме без зборот политичка. Но театарот мора да одговори на кризата и да се промени.

– Самиот факт дека имаме хронично отсуство од македонски авторски текстови, ние не може да зборуваме за прогресот и развојот на нашиот театар. Националниот театар, во која било негова рамка, е основата за домашната драма. Институционалниот театар може да биде место за развивање на својата естетика, место за поттикнување за развој на ново мислење, рече Димовски на првата трибина на Фестивалот насловена „Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“.

Ad
Ad