Connect with us

Култура

„Македонски идентитетски прашања“ – нова книга од Јованка Кепеска во издание на „Македоника литера“

 „Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Македонски идентитетски прашања“ од Јованка Кепеска, во која авторката на македонскиот идентитет му пристапува од историски, филозофски, социолошки, културолошки и од филолошки аспект.

Како што наведува издавачката куќа, авторката ги предочува темелните аспекти на идентитетот на македонскиот народ, ги посочува теоретските основи, реалните историски процеси, актуелните национални и геополитички состојби и процеси и влијанија, проблемите со несоодветните термини во идентитетските определби и потребата од општествената грижа за зачувување и афирмација на идентитетските обележја на македонскиот народ. Кепеска пишува и за некои разлики кон приодите кон македонските идентитетски прашања од аспект на филологијата, историјата, етнологијата и филозофијата.

Книгата е поделена на пет поглавја: Политичкиот идентитет на македонскиот народ, Македонската култура како идентитет, Македонскиот литературен јазик како идентитет на македонскиот народ, Општествениот развој како претпоставка за македонската идентификација и Аспекти од светскиот развој поврзани со нас. Меѓу другото, таа пишува и на следните теми: раната македонска идентификација; природно-правниот приод кон македонската нација; значењето на асномските одлуки за македонскиот политички идентитет; ограничувањата на преспанската спогодба во однос на македонскиот политички идентитет; мултикултурното општество и мултиетничката држава; стратегијата за македонското национално прашање; релативизирање на македонскиот карактер на државата; ставовите на македонскиот народ кон Македонците во соседните земји; новиот обид да се наметне заедничка историја со Бугарите; македонството; македонската култура како столб на идентитетот; македонскиот литературен јазик како суштински елемент на националниот идентитет; општествениот развој како предуслов за македонска идентификација, глобалните случувања и нивните импликации за македонското прашање итн.

– Општо земено, „Македонски идентитетски пршања“ претставува широк интелектуален придонес во проучувањето на македонскиот идентитет комбинирајќи филозофска рефлексија, социолошко-политичка анализа, историска интерпретација и јавна релевантност – наведува издавачот.

Во предговорната белешка Кепеска пишува дека на овие страници ги пренесува сознанијата од нејзините теориски и практични истражувања во социјалната теорија на идентитетските прашања на народите и на македонскиот народ.

– Досега објавив повеќе книги со ваква проблематика, приопштив прилози на научни собири, а се огласив и во јавните гласила. Во овој специфичен историски момент од развојот на македонскиот народ и на неговата идентитетска одбрана, со претставувањето на постигнатите сознанија, оваа книга се вклучува во напорите за надминување на дилемите за мноштвото прашања и приоди во неговата идентитетска одбрана, што, со оглед на мојата животна вокација, го сметам како должност и како моја внатрешна потреба – наведува Кепеска.

„Македонскиот идентитет го спознаваме спознавајќи се себеси“, пишува Кепеска во книгата, но притоа и преку сите општествено-хуманистички, но и преку природните и техничките науки, преку сите облици на уметноста (книжевност, ликовна уметност, музика), како и преку моралот и религијата. Според науката, ги спознаваме нашата посебност како народ, нашето создавање, развојот, јазикот, народните обележја, менталитетот, моралните и духовните вредности. Идентификацијата на македонскиот народ се одвивала континуирано, од самиот период на своето формирање, во периодите кога македонскиот народ се наоѓа во преднационално раздобје искажувајќи ја својата посебност преку народното творештво. Круме Кепески ќе рече дека тоа е период кога сме имале литература, иако не сме имале литературен јазик“.

Книгата е публикувана со финансиска поддршка на глобалната македонска фондација „Вечна“, која мотивот за поддршката за публикување на книгата го образложува: „Во време кога прашањата за идентитетот, јазикот и културната самобитност повторно се отвораат со нова динамика, научните трудови што ги обработуваат овие теми претставуваат суштински придонес кон јавниот и академскиот дискурс. Трудот на проф. д-р Јованка Кепеска се вклучува токму во оваа линија – со систематичен пристап и со јасна насоченост кон разбирање на повеќеслојниот карактер на македонскиот идентитет. Како фондација, ја препознавме вредноста на ова дело и одлучивме да го поддржиме неговото објавување во согласност со нашата мисија да придонесуваме кон зачувување и афирмација на македонското културно и научно наследство“.

Проф. д-р Јованка Кепеска (1940 г., Прилеп) магистрира на интердисциплинарната група филозофија, социологија и политичка економија (1971 год.) и докторира со темата „Современиот научно-технолошки развој“, на Факултетот за политички науки во Белград, Република Србија, во 1976 година. Од 1974 година, како предавач, а потоа до 2005 год., од кога е во пензија, е професор на повеќе катедри за социјална теорија на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, но најдолго се задржува како редовен професор на Филозофскиот факултет. Ангажирана е на последипломските студии на повеќе факултети во Скопје.

Својот научен интерес го сосредоточува на повеќе филозофски и социолошки теми од современиот демократски развој на светот и од нашето општество. Објави осум авторски книги: „Современиот научно-технолошки развој – филозофски и социолошки аспекти“ (1997); „Теми од социологијата на спортот“ (2000); „Зошто и како во спорот за нашето име“ (2010); „Тоталитарната свест и ние“ (2011); „Мигот наш денешен“ (2013); „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“ (2023); и „Македонските идентитетски прашања“.

Кепеска има објавено повеќе од 300 научни статии и есеи во домашни и меѓународни списанија, периодични и дневни гласила. Учествува во повеќе меѓународни и домашни проекти и настапува на повеќе од 50 домашни и меѓународни научни собири, меѓу кои и на меѓународни собири во Обединетото Кралство, Ирска, САД, Полска, Турција, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија, Словенија и Црна Гора. Како ќерка и наследник на авторските права на професорот Круме Кепески ја средува и ја попишува неговата книжевна оставина. Учествува во посмртното објавување на неговите книги: „Прилепскиот говор“ (1993); „Островот бил парче земја“ (1994); „Книга за Круме Кепески“ (1999); „Од нашиот речник“ (2007); „Статии и анализи за македонскиот јазик“ (2014). 

Ad
Ad