Култура
Македонскиот КИЦ во Загреб ја носи „АЈДЕ!“ на сцената на Загрепскиот танцов центар
На сцената на Загрепскиот танцов центар денеска ќе биде изведена танцовата претстава „АЈДЕ!“, во кореографија на реномираните македонски уметници Игор Киров и Бојан Мицев, на Motion Network продукција, како дел од годишната програма на македонскиот Културно информативен центар во Загреб.
„АЈДЕ!’, како што соопшти КИЦ – Загреб, ја носи публиката низ богатата музичка и културна традиција на ромската заедница, преку современ танцов израз кој обработува теми на љубовта, слободата, припадноста и општествените норми. Инспирирана од празникот Едерлези (Ѓурѓовден) – симбол на радост, заедништво и нов почеток – претставата преку ритам, музика и движење ја оживува ромската култура и фолклор, отворајќи современи прашања за личната слобода и општествените рамки.
Гостувањето на „АЈДЕ!“ претставува дел сопствената програма на македонскиот КИЦ во Загреб, со која се промовира современото македонско уметничко творештво и се зајакнува културната соработка меѓу Македонија и Хрватска.
Продукцијата на претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Штип и ЕАМ Штип, а гостувањето во Загреб се реализира во соработка со македонскиот КИЦ, Motion Network продукција и Загрепскиот танцов центар со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Изведбата ќе започне во 20:00 часот во Загрепскиот танцов центар.
јуни 5, 2026


