Connect with us

Свет

Европол лоцираше 45 киднапирани украински деца

Европол и неговите меѓународни партнери лоцирале 45 деца кои биле присилно префрлени на окупирани украински територии, во Русија или Белорусија, а информациите им се предадени на украинските власти, соопшти агенцијата.

Истражители од 18 земји, заедно со Меѓународниот кривичен суд (МКС) и невладини партнери, два дена работеле во Хаг на изработка на извештаи за децата, кои потенцијално водат до нивната точна локација.

Аналитичарите користеле онлајн извори и технологија за препознавање лица за да ги пронајдат децата, врз основа на фотографии обезбедени од нивните родители. Откриени се и транспортните рути и вклучените воени единици.

Ова е третата меѓународна акција на Европол за пронаоѓање деца од Украина.

Според Европол, повеќе од 19.500 деца се киднапирани од окупираните територии од почетокот на целосната руска инвазија пред повеќе од четири години.

Дел од нив биле посвоени од руски семејства, додека други биле сместени во кампови за „превоспитување“ или во психијатриски установи.

Истрагата ја иницираше МКС, кој издаде меѓународни налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и на комесарката за правата на децата Марија Лвова-Белова. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 1