Connect with us

Вести

Собраниска „виза“ за измена и дополнување на закони од сферата на образованието, по скратена постапка

Собраниската комисија за образование, наука и спорт со која денеска претседаваше заменик претседателката Емилија Ангелова донесе одлука со која продолжи процедурата за измена и дополнување на закони од сферата на обрзованието, по скратена постапка.

Членовите на комисијата без дискусија ги прифатија Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за образование на возрасните, по скратена постапка, како и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стручно образование и обука, по скратена постапка, а единствено расправа се водеше за Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование, по скратена постапка.

Амандманот за Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование по скратена постапка го образложи пратеничката Даниела Николова која побара да се задржи хартиената форма на сведителствата како јавен документ, паралелно со дигиталната евиденција.

-Со законските измени предвидено е сведителствата да се издаваат во електронска форма, а во хартиена форма ќе се издаваат само доколку тоа го побара ученикот, односно родителот или старателот. Хартиената форма треба да остане заради правна сигурност бидејќи сведителството претставува јавен документ со кој се потврдува заокружување на одредено образование, појасни пратеничката Николова и додаде дека во државата нема добри и стабилни електронски платформи за во секое време да се издаваат сведителства во електронска форма.

Мнозинството членови на комисијата за образование, наука и спорт не го прифатија предложениот амандман бидејќи според пратеничката Емилија Ангелова сведителствата издадени преку електронскиот систем без разлика дали се во дигитална форма или испечатени од истот систем имаат иста правна важност и валидност.

-Електронски генерираното сведителство ги содржи сите релевантни податоци, заштитни елементи и механизми за верификација, со што се гарантира неговата валидност. Печатењето на ваков документ не ја менува неговата суштина туку претставува само физичка форма на веќе валиден електронски запис. Дополлнително има за цел да ја поедностави постапката за издавање на јавната расправа и да овозможи поефикасна примена на дигиталните решенија во образовниот систем. Воедно со ова решение се постигнуваат финансиски заштеди бидејќи се намалуваат буџетските трошоци за печатење, а средствата ќе може да се употребат за унапредување на воспитно образованиот процес, нагласи Ангелова.

Трите предлози, односно Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за образование на возрасните, по скратена постапка, Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стручно образование и обука, по скратена постапка, како и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование, по скратена постапка се проследени во Собранието за понатамошна постапка.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1