Култура
По повод Светскиот ден на уметноста Општина Пустец со почит се сеќава на уметниците кои ја негувале македонската култура
По повод 15 април, Светскиот ден на уметноста, Општина Пустец, со посебна почит се потсети на неуморните уметници кои оставиле неизбришлива трага во негувањето на македонскиот идентитет и култура.
-Годинашното мото „Негување на заедницата преку уметноста“, нè потсетува дека уметноста не е само творење, туку мост што ги поврзува луѓето, генерациите и нашиот заеднички македонски идентитет. На овој посебен ден, со длабока почит се сеќаваме на уметниците од Преспа кои, преку својот талент и страст, ги изградија темелите на оваа силна врска меѓу уметноста и заедницата, стои во објавата на Општина Пустец.

Се додава дека звуците на гајдата од Теодор Вангеловски, Вангел Чале и Наум Дамо ги исполнуваа срцата на луѓето и ја обединуваа заедницата во празници и радост.
Кларинетот на Ристо Ставре, еден од првите во 50-тите години, продолжен од Живко Ставре и Тако Каче, ѝ даде нова димензија на нашата народна музика.

Играорците, како Панделина Камбо (Вурмо), Менка Науми (Терпо), Сабрија Аго, Јован и Стефан Стојани, Живко Сотировски, Тако Шкемби, Елена Јовче и Елена Јоно го донесоа на сцената живиот дух на нашата традиција. Тие не беа само уметници, тие беа мостови што ги поврзуваа луѓето меѓу себе и со нивните корени.
Денес, овој дух продолжува да живее преку Фолклорната група „Преспа“, која ја чува нашата македонска традиција и достоинствено ја пренесува на младите генерации.


