Connect with us

Живот

Чат-ботовите ни ги знаат локацијата, политичките погледи и банкарските сметки

Искористи ги моите податоци од биографијата што ти е прикачена“. „Напиши ми 4 текстуални задачи со дропки за петто одделение во училиште во Скопје, слични на тие што ти ги праќам на сликата од домашната работа на другар ми, само стави го моето име“. „Имам депозит од 25.000 евра во Н.Н. банка, дали е поисплатливо да ги префрлам во друга банка за поголема камата и во која?“ 
Ова се вообичаени барања што секојдневно ги добиваат т.н. чат-ботови (автоматизирани, дигитални соговорници кои даваат одговори користејќи вештачка интелигенција). Прашањата изгледаат сосема обично, прилагодени на потребите на корисникот, а одговорите заштедуваат многу време. Но, во секој од овие примери, на ботовите им се дава персонализиран податок: од биографија со лични контакти и место на живеење, до возраст на малолетник или точна состојба на банкарска сметка. Ова се прави со цел да се добие што поавтентичен и подобар одговор. 

Речиси секој кој има пристап до интернет веќе добро ги знае и ги користи „Мета АИ“, „ЧатГПТ“ (ChatGPT), „Гугл Гемини“, „Клауд“ (Claude), „Грок“… Но, кои податоци ги земаат тие од нас? 
„Сурфшарк“, една од водечките светски компании за сајбер-безбедност, прави анализа на 10-те најдобри чат-ботови. Најновиот извештај објавен кон крајот на март покажува фрапантни податоци: во просек, секој чат-бот собира по 14 од вкупно 35 видови податоци кои вообичаено се сметаат за приватни. 

„Мета АИ“ со најголем пристап до приватноста, „Гемини“ ве следи во чекор 

„Најмногу информации собира Мета АИ — дури 33 од 35 можни видови“, се вели во извештајот. Бидејќи не е посебна апликација, туку е дел од платформите на Марк Закерберг, овој бот има пристап до најинтимните информации. 

Таа останува единствената апликација која собира податоци во категоријата финансиски информации. Заедно со „Гугл Гемини“, собира и чувствителни информации: расна или етничка припадност, сексуална ориентација, податоци за бременост, верски или политички уверувања, па дури и биометриски податоци. 

„Гемини“ на Гугл собира 23 видови податоци. Ретко како кој друг бот, тој инсистира на прецизна локација. По само неколку користења, тој веќе го знае вашето име, адреса, е-пошта, телефон и комплетната историја на пребарување на интернет. „Ваквото опсежно собирање податоци може да се смета за прекумерно и наметливо“, констатираат експертите. 
„ЧатГПТ“ во нагло проширување, Дипсик го хакираат 

Најголемо зголемување на апетитот за податоци има кај „ЧатГПТ“. Од ланските 10, сега овој бот собира 17 различни видови податоци, вклучувајќи здравје, фитнес и аудио податоци. Иако повеќето се за функционалност на апликацијата, тие се користат и за аналитика и маркетинг. Важно е да се напомене дека податоците за здравјето и рекламирањето не се потребни за работата на апликацијата. 

Наспроти нив, практиките на „Клауд“ останале непроменети — тој собира 13 видови податоци, сите клучни за неговото функционирање. Кинескиот „Дипсик“ исто така собира под просекот (13 видови), но со еден голем ризик: податоците се чуваат на сервери во Кина. 

„Бидете внимателни, бидејќи разговорите на серверите се секогаш под ризик. Според ’Д Хакер Њус’ (The Hacker News), Дипсик веќе доживеал хакерски напад во кој протекоа повеќе од еден милион записи од разговори и клучни шифри“, предупредуваат од „Сурфшарк“. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 1