Вести
Мицкоски: Ќе работиме и ќе испорачаме се друго од реформската агенда, освен промена на Уставот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница истакна дека Македонија и во јунскиот извештај за реформската агенда ќе биде пред т.н. фронтранери, додека во однос на испораката на правда очекува побрза и поробусна испорака на правдата од таа претходно, затоа што, како што рече, и граѓаните не се задоволни од спора правда.
– Се разбира дека не само јас и граѓаните, сите ќе се сложиме дека е премногу бавна или воопшто ја нема и дека не сме задоволни. Поврзано со испораката на правдата очекувам во периодот кој следи побрза и поробусна испорака на правдата споредено со тоа што било порано. Имаме отприлика 120-130 ревизорски извештаи на институции доставени до обвинителството, барем ревизорите велат дека констатирале многу незаконитости, очекувам барем врз основа на тие ревизорски извештаи да се постапува и испорача правда, изјави Мицкоски одговарајќи на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Премиерот посочи дека Владата прави се Обвинителството и судовите да добијат услови за работа за да ја испорачаат правдата и за да работат попродуктивно. Потенцира дека службениците во судовите и обвинителствата ќе добијат 40 проценти зголемени плати, 200 нови вработувања, како и се почитува одлуката на Уставен суд да се вратат платите на судиите од 2025 година. Посочи дека нема да има дополнителни зголемувања без јасни резултати.
-Конкретно сега имаме еден камен на сопнување, каде што треба да се регулираат, повторно се се сведува околу платите на судиите и обвинителите. Тој е оној камен на сопнување за кој ние во Реформската агенда сега разговараме. Сега се бара дополнителни зголемувања на примањата. Дополнителни зголемувања без јасни резултати нема па дури и по цена да пропадне тој чекор, бидејќи со ова што ние го направивме, како влада што го овозможивме е континуиран раст на платите на вработените во судовите. И ова јасно на следниот состанок на господинот Герт -Јан Копман ќе му го кажам. Се бараше зголемување, се овозможи зголемување, се бараше измена во закон, се овозможи измена во закон, се бараше зголемување на вработените службеници, се овозможи 200 нови вработувања, но континуирано ние да овозможуваме средства за зголемување на буџетите и платите без притоа да има никакви резултати, т.е. резултати кои не враќаат назад, тоа како влада нема да го дозволиме, потенцираше Мицкоски.
Премиерот нагласи дека и да не успее овој чекор, ние и во јунскиот извештај ќе бидеме подобри од самопрогласените фронтранери исто како што бевме во декемврискиот и така ќе бидеме до крај. Потенцира дека Владата се друго ќе работи и ќе испорача, но, како што истакна, ќе го изолира прашањето за кое опозицијата води кампања за промена на Устав, за кое останува цврст и непроменет ставот.
– И ќе го изолираме ова за коешто денеска опозицијата води кампања – промена на Устав. Се друго ќе работиме и ќе испорачаме. Тоа што зависи од нас. Но, промена на Устав ќе го изолираме. Сме го кажале нашиот став по тоа прашање коешто е цврст и непроменет и тука нема дилема. Исто како што сме кажале став и по многу други прашања и се непроменети. Јас разбирам опозицијата, ќе води лажна кампања, но како демохристијанска партија треба да простиме, тоа не разликува нас – тоа што ние умееме да простиме. Ќе простиме, но нема да заборавиме – рече премиерот Мицкоски.
мај 28, 2026
